Седумдесет проценти од Ромките во Гостивар се без работа

Најголемиот дел од Ромките во Гостивар се невработени и ним им е потребна поддршка за да се вработат. Последните анализи на оваа појава укажуваат дека е потребно зголемување на можностите за вработување преку посета на специфични обуки според нивните потреби за вработување. Според грубите проценки, во Гостиварско редовен работен однос имаат засновано помалку од 100 Ромки.

Процентот на невработени Ромки во гостиварскиот регион е висок (70 отсто) во споредба со жените од другите етнички заедници. Причината за ваквата состојба најмногу лежи во немањето соодветно образование и соодветни национални и локални политики.

Во анализата „Подобрување на вклученоста на Роми во пазарот на трудот со акцент на жената Ромка” е наведено дека 83 отсто од неварботените Роми се без или со основно образование, 12 проценти со завршено средно, четири отсто со непотполно и еден отсто со високо образование. Во однос на невработените Ромки, образовниот профил е позагрижувачки бидејќи 86 отсто се без образование или само со основно и тој во изминативе пет години има тренд на пораст. Како факт што се наведува е податокот дека голем процент Роми воопшто не се пријавуваат во Агенцијата за вработување.

– Кога зборуваме за темата работа и Роми морам да потенцирам дека, за жал, нема добри показатели со кои ромската заедница може да се пофали или да очекува брз развој. Имено, од 1991 година до денес, процентот на невработеност на Ромите во споредба со другите етнички заедници во Република Северна Македонија не е помал од 70 отсто. Ова само по себе кажува дека економски најслаба е заедницата на Роми. Тоа уште повеќе се рефлектира и врз жените и заради тоа ние како претставници на оваа зедница воопшто не сме горди, вели Мухамед Точи, законски застапник и координатор на секторот за човекови права и меѓуетнички односи на Хуманитарното и добротворно здружение на Ромите „Месечина” – Гостивар.

Токму од тие причини реализираа проект во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан – (ReLOaD). Во рамките на проектот беше направена и анализа дека на листите во Агенцијата за вработување во Гостиварско има од 300 до 400 Ромки.

Според Точи, бројката е далеку поголема, бидејќи низ анкетите било утврдено дека доколку не добијат работа на возраст од 18 до 30 години, тие остануваат надвор од системот и најчесто стануваат корисници на социјална помош.

Преку проект вработени 40-тина жени

За да се ублажи негативниот тренд и вклопување на жените во работните средини минатата година беше спроведен проект преку кој им се овозможи да најдат вработување. Работа на неопределно и определно време беше обезбедена за четиресетина Ромки.

– Во рамки на проектот беа спроведени обуки чија цел беше стекнување вештини за вработување, за фризерки, административни работници, медицински сестри и друго. Со обуките беа опфатени Ромки и тоа е навистина позитивен резултат, затоа што тие ги подобрија своите квалификации и ги зголемија нивните шанси да се вработат, а со тоа докажаа дека доколку им се даде шанса, тие би работеле. Исто така, дел практиканти кои преку проектот ги ангажиравме останаа во работен однос во фирмите, вели Шпреса Бајрами, асистент во проектот „Подобрување на вклученоста на Роми во пазарот на труд со акцент на жената Ромка”.

Таа нагласува дека Ромките заради неинформираност околу мерките на Агенцијата за вработување најчесто остануваат надвор од системот, па затоа е неопходна дополнителна поддршка на идеи за самовработување кај Ромките, преку посета на обуки за креирање бизнис-план, развивање идеја и вработување преку сопствен бизнис.

– Очекуваме дека ваквиот и уште подобри примери ќе се работат во повеќе програми на граѓанските организации, домашни и меѓународни, организации, работодавачи, бизнисмени, политички партии, влади и слично. Ромите со право ја очекуваат поддршката од Општината, од министерствата и од Владата воопшто, заради потребата, заради давање можност за еднакво општество за сите.

Затоа препорачуваме, секоја институција, владина или невладина, што ќе работи на вработување Роми, да ги следи анализите и препораките во анализата на пазарот на трудот којa ја имаме како публикација и резултат на проектот, вели Точи.

Меѓу препораките што произлегоа од анализата во рамките на проектот „Подобрување на вклученоста на Роми во пазарот на труд со акцент на жената Ромка”, што невладината „Месечина” го спроведуваше изминатите осум месеци на подрачјето на Гостивар, се наведуваат: создавање услови за преквалификација на Ромите, мерки за дооформување на образованието, воведување квоти за Роми во активните мерки за вработување, олеснувања за компаниите што ќе вработат Роми.

Во Гостивар, според последните анализи, живеат 3 – 4 илјади Роми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот