Се прават анализи дали треба да се укине контролниот преглед за инвалидските пензии

Фото: Архива

Ако корисникот се жали на одлуката на комисијата според која престанале причините за инвалидската пензија, до носењето на правосилното решение тој ќе добива пензии, но тие ќе мора да се вратат ако конечната одлука е укинување на инвалидската пензија. Во меѓувреме, не му мирува работното место

Опсежните анализи што се направиле во минатото покажале дека е добро да има задолжителен контролен преглед на корисниците на инвалидска пензија за да се утврди дали таа треба да се прекине или да продолжи, но сепак Министерството за труд и социјална политика уверува дека ќе се разгледа досегашната статистика и, ако е потребно, прегледите ќе се укинат, или пак, во меѓувреме ќе мирува работното место на корисникот на привремена пензија.

Ова е сублиматот од долгиот одговор од Министерството за труд и социјална политика на прашањето од „Слободен печат“ каков е нивниот став на забелешките што со години ги дава Државниот завод за ревизија (ДЗР) во однос на привремените инвалидски пензии. Имено, како што пишувавме, ДЗР забележува дека ако корисникот се жали на одлуката на комисијата според која престанале причините за инвалидската пензија, до носењето на правосилното решение тој ќе добива пензии, но тие ќе мора да се вратат ако конечната одлука е укинување на инвалидската пензија. Во 2019 година, според ДЗР, имало 14 такви предмети со вредност од 77.284 евра, а во 2020 година имало 11 предмети за враќање на 64.000 евра за земените пензии. Ако се гледаат само последните податоци од 2020 година, може да се забележи дека секој од 11-те граѓани во просек треба да врати по 5.800 евра! Згора на сè, како што забележува ревизорот, на овие граѓани додека се третираат како привремени инвалиди, не им мирува работното место.

– Министерството за труд и социјална политика подготвува подетална анализа во однос на статистиките на досегашното работење на комисиите за утврдување инвалидност, односно неспособност за работа, како и компаративна анализа на искуството на другите земји во делот на постапката за утврдување на инвалидноста. Резултатите од направените анализи ќе покажат дали и понатаму ќе се задржи задолжителниот контролен преглед, дали ќе се предвидува мирување на работното место за време на користење на времената инвалидска односно семејна пензија, како и други прашања од инвалидското осигурување, односно дали ќе се пристапи кон донесување законски измени. Исто така, анализи се прават и во делот на извршувањето решението на Фондот во прв степен по поднесена жалбата, за што соодветно на анализите ќе се пристапи кон соодветни законски измени – велат од Министерството.

Задолжителниот контролен преглед на корисник на инвалидска, односно семејна пензија е воведен во пензискиот систем во 2004 година. Според објаснувањето од Министерството, тоа е направено заради подобрување и унапредување на регулативата за поефикасен системот на инвалидското осигурување преку постигнување повисок степен на објективност во постапката за утврдување на постоење инвалидност, како основа за остварување долгорочни материјални права од областа на пензиското и инвалидското осигурување.  Оттаму појаснуваат и дека контролен преглед се врши во рок не пократок од една година од денот на утврдената инвалидност, а може да се вршат најмногу две контроли до навршување 65 години живот на корисникот на пензија, како и дека за сите дијагнози не се предвидени контролни прегледи.

– Врз основа на досегашното искуство, а во согласност со позитивната законска регулатива, се покажува дека само во случаи каде што постои основано мислење дека кај осигуреникот може да се подобри здравствената состојба се предвидува обврска за задолжителен контролен преглед, додека одредени болести со правилник се исклучени од задолжителен контролен преглед. Имено, мал е бројот на случаи кога при задолжителен  контролен преглед се утврдува дека кај корисник на времена инвалидска односно семејна пензија е подобрена здравствената состојба и се укинува времената инвалидска пензија – тврдат од Министерството за труд и социјална политика.

Според Министерството, активирани се повеќе филтри за трајната инвалидска пензија да биде соодветна на вистинската состојба на корисникот.

– Задолжителниот контролен преглед на корисник на инвалидска односно семејна пензија, како и ревизијата на наодот, оцената и мислењето на комисијата за ревизија на наод, оцена и мислење за утврдување инвалидност, односно неспособност за работа во рамките на Министерството за труд и социјална политика, се предвидени како филтри во постапката за утврдување на инвалидноста, со цел да се оневозможат сите случаи на арбитрарно постапување и одлучување, како и злоупотреби, сè со цел со право на инвалидска пензија односно семејна пензија врз основа на неспособност за работа и живот да се стекнат осигуреници кај кои основано постои трајно губење на работната способност односно постои трајна инвалидност – велат од Министерството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот