Илустративна фотографија: Профимедија

Се користело национално богатство и за само неколку илјади денари: Раскинати договори со 46 концесионери

Министерството планира и набавка на дрон за да се има целосен увид во тоа кој што и каде копа. За надзорот на терен се планираат повеќе инспектори, затоа што сегашните 14 не се доволни.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини им објави „војна“ на концесионерите. Инспекторите се постојано на терен каде што е затекната хаотична состојба, објави министерката Сања Божиновска. Таа информираше дека од почетокот на годинава се одземени 46 концесии, и тоа 35 се еднострано започнати, а 11 договори биле истечени, но имало причини поради кои не биле продолжени.

– Од јануари досега се направени 248 контроли, од кои 170 се вонреден инспекциски надзор. Спроведуваме многу ригорозни контроли. Наидовме на концесионери што управувале со хектари и хектари земја, а кои плаќале по само 2.000 до 3.000 денари. Како причини за раскинување на концесиите може да биде непочитување на законските одредби, неплаќање концесиски надоместоци, непочитување на еколошките мерки, пренесување концесија без согласност, експлоатација надвор од дозволениот предел – рече Божиновска и нагласи дека во иднина не се планира концесиите да се даваат на максимално можниот рок, па веќе почнале да ги даваат на седум-осум години.

Министерството планира и набавка на дрон за да се има целосен увид во тоа кој што и каде копа. За надзорот на трен се планираат повеќе инспектори, затоа што сегашните 14 не се доволни.

Божиновска вели дека Министерството нема да дозволи ненаплатен ниту еден долг кон државата.

– За првпат наплативме банкарски генерации – 40 милиони денари се наплатени од четири фирми. Станува збор за компании што работат со фотоволтаици. Кога се склучуваат договорите за користење премии, а тоа се пари од државата, има и одредени обврски и кога тие нема да се исполнат ние пристапуваме кон наплаќање на гаранциите – информираше министерката.

Божиновска се осврна и на Планот за реконструкција на јавни згради што треба да се спроведе во наредните три години, во согласност со новиот Закон за енергетска ефикасност. Опфатот е на 102 илјади квадратни метри, се однесува на 14 згради, 33 институции, а во нив работа над 5.000 вработени.

Има заинтересиран за градење когенеративна гасна централа

За да се постави ред, како што нагласи министерката за енергетика, првпат се прави годишен план за 2026 година и се прибираат иницијативи за изградба на енергетски капацитети.

– Во Министерството се пристигнати 200 иницијативи за проекти за 7.500 мегавати вкупно, а се однесуваат на фотоволтаици, ветерници, но и за когенеративна гасна централа од 495 мегавати. Она што е особено важно е што за првпат во државата имаме барање и за батерии – и батерии во склоп на енергетските постројки и посебни батерии. Токму тие батерии ќе служат за балансирање на енергијата затоа што енергијата од фотоволтаиците и од ветерниците не е постојана, додека когенеративната гасна централа е за базна енергија– рече Божиновска.

На крајот од месецов Меѓународен форум за енергетика

Од 28 до 30 октомври во Скопје ќе се одржи Меѓународен форум за енергетика. Се очекуваат претставници од 70 држави, ќе има 300 учесници: министри, експерти, академци, претставници од приватниот и од граѓанскиот сектор.

– Форумот ќе биде платформа за конкретни политики и стратегии за забрзување на глобалниот напредок кон одржлива енергија – нагласи министерката Божиновска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот