СДСМ се откажува од тројца носители заради коалиција со Ахмети и Села?

Расположението во ДУИ е и на претседателските и на парламентарните избори да одат самостојно, односно во коалиција со ДПА и партиите на Аријанит Хоџа и на Скендер Реџепи. Сепак, на средбата Ахмети – Ковачевски ќе биде јасно дали е можен заеднички парламентарен настап, откако ДУИ веќе пресече дека ќе има свој претседателски кандидат.

На финалната средба која треба да се одржи до крајот на неделава, лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски ќе го убедува лидерот на ДУИ Али Ахмети со заеднички листи да настапат на парламентарните избори и ќе бара поддршка за претседателскиот кандидат на СДСМ во вториот изборен круг, откако стана јасно дека ДУИ ќе излезе со свој кандидат за шеф на државата, вели за „Слободен печат“ висок функционер од СДСМ. Ковачевски не се откажува од „Eвропскиот фронт“ и на одделна средба ќе се види и со Зијадин Села, лидер на дел од Алијанса за Албанците, за заеднички настап на парламентарните избори.

Дека неделава ќе има средба меѓу Ковачевски и Ахмети, за конечно владините партнери да утврдат како ќе настапат на двојните избори, потврди и вицепремиерот Артан Груби во гостување на „360 степени“.

Според функционерот на СДСМ што нè брифираше, на средбата Ковачевски и Ахмети ќе анализираат што покажуваат анкетите и сондажите и ќе пресечат за изборниот настап. Анализите на СДСМ покажале дека попрагматично е владините партнери да настапат на заеднички листи како Европски фронт, односно дека поради Донтовиот модел на пресметка, тоа ќе им овозможи поголем број пратеници отколку самостојно да одат на изборите.

Неофицијално, за да ги придобие ДУИ и Алијанса на Села за заеднички настап, СДСМ е подготвен тројца носители на листи да бидат од партиите на Ахмети и на Села. Ова би значело ДУИ да има носители во Шестата и во Втората изборна единица, а Села да ја добие Петтата изборна единица. Сепак, ова е помалку возможна варијанта, бидејќи, како што вели функционерот, ако во шестката“ не е спорно носител да биде ДУИ, во „петката“ е симптоматично, бидејќи Алијанса на Села има поддршка во Струга и во Кичево, но не и во Битола, Охрид и Ресен. Или, пак, во „двојката“, каде што и на СДСМ и ДУИ им е битно да имаат носители на листи. Оттука првата понуда ќе биде СДСМ, ДУИ и Алијанса на Села да одат со т.н. коносители на листи. СДСМ на избори еднаш веќе одеше со коносители на листи, но од својата партија. Ако за ДУИ и за Алијанса на Села ова е прифатливо, тоа ќе значи дека за секоја изборна единица ќе има двајца носители на листи. На пример, во „шестката“ носител да биде Ахмети, со коносител од СДСМ или од Алијанса. Во кампањата и на митинзите ќе се обраќаат двајцата носители и двајца ќе бидат еднакво застапени на билбордите.

Што се однесува до претседателскиот кандидат, СДСМ веќе нема да настојува на поддршка од владините партнери уште во првиот изборен круг, но битно им е да обезбедат од Ахмети и од Села гаранции дека нивниот кандидат ќе ја има поддршката во вториот изборен круг. Според тоа, речиси е извесно дека СДСМ на претседателските избори ќе оди со Стево Пендаровски, кој како консензуален кандидат пред пет години ја доби поддршката од ДУИ.

Расположението во ДУИ е и на претседателските и на парламентарните избори да одат самостојно, односно во коалиција со ДПА и партиите на Аријанит Хоџа и на Скендер Реџепи. Сепак, на средбата Ахмети – Ковачевски ќе биде јасно дали е можен заеднички парламентарен настап, откако ДУИ веќе пресече дека ќе има свој претседателски кандидат.

Талат Џафери, Али Ахмети Фото: Фејсбук Џафери

Џафери: Ахмети нема да прифати да биде кандидат

Груби во интервју за „360 степени“ ги потврди информациите на „Слободен печат“ дека сопартијците го убедуваат Ахмети да биде претседателски кандидат. Идејата тој да биде кандидат на ДУИ за шеф на државата е на ДУИ и на гласачите. Според Груби, ДУИ сè уште нема одлука кој ќе биде нивниот кандидат за претседател на државата, бидејќи прашањето не е дискутирано во партиските органи. Тој вели дека убедувањето на Ахмети за кандидат за шеф на државата оди тешко, зашто нивниот лидер сметал дека во политиката не е заради функции, туку заради мисија.

– Идејата е на сите нас, на ДУИ, на гласачите. Државата заслужува Али Ахмети да биде претседател. Го знаете неговиот став: јас сум мисионер, не сум функционер. И пред тој аргумент мора сите да се повлечеме. Но, ако прашате кој било член на ДУИ, кој било гласач на ДУИ, секако дека ќе се определи за Али Ахмети – вели Груби.

И техничкиот премиер Талат Џафери изјави дека смета оти Ахмети нема да прифати да биде кандидат.

– Господинот Ахмети има мисија, а не е претендент за функција, колку што знам. Мислам дека нема да прифати да биде тоа. Неговата мисија е Европа, Европската Унија и си работи на таа мисија. Не мислам дека му е приоритет натпреварување по однос на носењето на која било функција. Да сакал функција, можел да има која било функција во овие 22 години – рече Џафери.

Според Груби, во ДУИ има многу имиња што би можеле да бидат претседателски кандидати, почнувајќи од потпретседатели на партијата, секретарите, ветераните и непартиски членови. Груби смета дека Бујар Османи би можел да биде одличен претседателски кандидат.
Вицепремиерот ја потврди информацијата на „Слободен печат“ дека првичната идеја била сите партии на Албанците да излезат со заеднички непартиски кандидат за шеф на државата, но дека по кандидатурата на лидерот на дел од Алијанса за Албанците Арбен Таравари, таа идеја пропаднала.
Функционери на ДУИ на Фејсбук веќе почнаа кампања за претседателскиот кандидат. Со фотографија на лидерот порачуваат: „Ахмети носи голема вест“.

Ахмети. Фото: Фејсбук

Алијанса на Села сè уште е за самостоен настап на изборите

Од Алијанса на Села за „Слободен печат“ велат дека засега останува на сила одлуката на Централното претседателство за самостоен настап на изборите. Сепак, велат дека се растрчани меѓу базата и дека за изборниот настап ќе одлучи членството. Партијата уште не донела одлука ни дали ќе истрча со свој претседателски кандидат.
Груби ја потврди и информацијата на „Слободен печат“ дека ако ВМРО-ДПНЕ победи на изборите, услов на повеќето партии на Албанците ќе биде прво да се донесат уставните измени, а потоа да се формира влада.

– Разговараме во моментов дека слично како и во 2011 година. Не знам дали се сеќавате, кога некои тешки одлуки се донесоа откако се конституираше Собранието, а пред да се формира владата, како што беше автентичното толкување на Законот за амнестија и Законот за јазици. Истото треба да се повтори и по овие избори – пред да се формира која било влада, да се изгласаат уставните измени – рече Груби.

Тој повтори дека ДУИ има црвени линии од кои нема да отстапи, а тоа се гласањето на уставните измени, како и прифаќање на Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот