СДСМ поднесе декларација за Илинден и побара поддршка од сите пратеници

Споменикот „Мечкин Камен“ во близина на Крушево
Споменикот „Мечкин Камен“ во близина на Крушево / Фото: Pexels/Micko Damnjanovski

Пратеничката група на СДСМ поднесе до Собранието декларација за Илинден – најголемиот македонски државен празник, изјави Дарко Каевски пратеник на СДСМ и побара документот да го поддржат сите парламентарни партии и Собранието да ја усвои.

-Оваа година се навршуваат 120 години од Илинденското востание и создавањето на Крушевската република. Идеалите на таа Република и тоа востание беа инспирација на идните генерации борци за слобода кои во 1944 година на Првото заседание на АСНОМ ја формираа првата македонската држава.Овие настани имаат големо значење за македонската историја и за борбата на македонскиот народ за слобода и сопствена држава – рече Каевски.

Тој додаде дека идеалите на Илинденците, македонските партизани и сите оние кои се бореа за слободна и демократска Македонија и за рамноправност и соживот на сите нејзини граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или идеолошка припадност, треба да служат како основна водилка за сегашните и идни генерации за слободна, демократска и просперитетна Република Северна Македонија.

-Македонскиот народ, заедно со припадниците на другите народи кои живеат во неа и денес ја продолжуваат борбата за демократија и просперитет, водени од принципите на прогласите на Крушевската република и Декларацијата за основните права на граѓанинот на демократска Македонија усвоени на Првото заседание на АСНОМ кои денес се преточени во преамбулата на Уставот на Северна Македонија. Оддавајќи почит на пожртвуваноста на борците за слобода и демократија наша должност е постојано да го искажуваме нашиот восхит и почит кон сите оние кои ги дале своите животи за слобода, испраќајќи со тоа силна порака за заедништво, рамноправност и демократија – рече Каевски и објасни дека сето тоа е содржано во декларацијата што денеска ја поднесуваме до Собранието.

Очекуваме оваа Декларација наскоро да се најде пред пратениците и повикуваме секој пратеник без разлика од која партија доаѓа, истата да ја поддржи и таа да биде усвоена од македонското Собрание.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот