
Саудискиот нафтен гигант „Арамко“ оствари рекорден профит од 161 милијарда долари
Саудиската државна нафтена компанија „Арамко“ забележа рекорден профит од 161,1 милијарди долари во 2022 година, потпомогнат од големите скокови на цените на енергијата, како и повисокото производство. За државната компанија ова претставува раст од 46,5 отсто во однос на лани. Тоа е најновата енергетска компанија која објави рекорден профит, по скокот на цените на енергијата по сеопфатната инвазија на Русија на Украина во февруари 2022 година.
Препорачано
Американскиот Ексон Мобајл заработи 55,7 милијарди долари, а британски Шел 39,9 милијарди долари. Арамко објави и дивиденда од 19,5 милијарди долари за кварталот од октомври до декември 2022 година, што ќе биде исплатена во првиот квартал од оваа година. Најголем дел од тоа ќе оди во рацете на саудиската влада, која поседува речиси 95 отсто од акциите во компанијата. Суровата нафта брент, репер за нафта, сега се тргува со околу 82 долари за барел, иако цените надминаа 120 долари за барел минатиот март.
„Арамко го возеше бранот високи цени на енергијата во 2022 година. Би било тешко за Арамко да не постигне добри резултати во 2022 година“, рече Роберт Могиелнички од Институтот за арапски заливски држави во Вашингтон.
„Со оглед на тоа што предвидуваме дека нафтата и гасот ќе останат клучни во догледна иднина, ризиците од недоволно инвестирање во нашата индустрија се реални, вклучително и придонес за повисоки цени на енергијата“, рече претседателот и извршен директор на Aramco, Амин Насер.
Aрамко, втората највредна компанија во светот, по американската Епл, е главен емитер на емисиите на стакленички гасови кои придонесуваат за климатските промени.
„Шокантно е за една компанија да оствари повеќе од 161 милијарда долари профит за една година со продажба на фосилни горива, најголемиот поединечен двигател на климатската криза“, рече генералниот секретар на Амнести интернешенел Ањес Каламар како одговор на најавата на Арамко, објави Кликс.ба.