Самодоволна и арогантна, неспособна за дијалог

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Колку и да се обѕираме влево и вдесно, по нашава прчија но и ширум светот, ќе видиме дека со планетава владеат кретени што се способни за дијалог единствено со поразен и уништен противник. Всушност, во грдата стварност што господари со светот дијалошката форма на комуникација – методолошката кралица на мислата уште од Сократа – како да е во потполност заборавена и укината.

Еден гениј беше напишал дека мислите управуваат со нас, а не обратно, како што упорно мислиме. И, не само што нè управуваат, мислите активно ни даваат лажни информации во мозокот дека сме ние тие што ги управуваме нив, дека изборот и волјата е во нашите раце, дека ние односно нашата личност е вистинскиот газда на нашиот живот. Но, изгледа сепак дека цело време грешиме зашто сме тешко измамени, и тоа од сопствениот мозок, па во ниту еден момент не можеме да осознаеме, а со самото тоа и да си признаеме, дека нашите одметнати и автономни мисли се нашите вистински газди, тоталните контролори на сè што правиме и чувствуваме.

Овој парадокс бил во фокусот на интересот на еден од најеминентните теориски физичари на 20 век, Дејвид Бом. Неговите луцидни идеи дале придонес во оформувањето на квантната теорија во физиката, но Бом квантната физика решил да ја примени и на неуропсихологијата, односно на науката за функционирањето на мозокот. Тој сметал дека мозокот на ќелиско ниво е вмрежен систем на неурони што работи во согласност со математиката на квантната физика, при што мислата се создава како холограмски ефект што потоа се дистрибуира на начин што не може да се локализира на едно место, туку на две или повеќе места истовремено, како што тоа го прават квантните ентитети во субатомската физика.

Но, тука и настанува мозочниот парадокс: иако сметаме дека мислата е систем на меѓусебно врзани неуронски мрежи, кои се појавуваат како концепти, идеи и претпоставки, што пред сè треба да е процес што објективно известува за стварноста, таа најчесто го чини спротивното и ги бои и изобличува нашите перцепции на сосем неконтролиран и непредвидлив начин. Кога станува збор за нашето тело, мозокот е снабден со купишта на невронски рецептори низ телото, што непосредно го информираат за секоја наша позиција или движење. Така ние секогаш – и со врзани очи – знаеме дали сме исправени или наведнати, стоиме или висиме, се движиме или се вртиме, или пак сме статични. Овој механизам на  себесвесност, за жал, не постои во светот на мислите. Ова Бом го опишува на следниов вртложен начин: „Стварноста е она што го сметаме за вистинито. Она што го сметаме за вистина е она во што веруваме. Она во што веруваме е засновано на нашите забележувања. Она што го забележуваме зависи од она по што трагаме. Она по што трагаме зависи од она што мислиме. Она што мислиме зависи од она што го забележуваме. Она што го забележуваме го одредува она во што веруваме. Она во што веруваме го одредува она што го сметаме за вистина. А она што го сметаме за вистина – тоа е нашата стварност.“

И, бидејќи грешките во мислите не можат да бидат воочени и исправени од истиот систем што ги направил, Бом постулира дека грешките во мислењето најлесно можат да се воочат и коригираат само од друг систем, во достоинствен, информативен и искрен меѓусебен дијалог.

Ова решение Бом го шири како панацеја и на социолошко па и на меѓународно ниво, и за сите нивоа го предлага истиот дијалошки начин за решавање на проблемите. Тоа е секогаш меѓусебно поддржувачкиот дијалог во кој двете страни – групи, партии, нации или воено-политички сојузи – можат да се разберат, меѓусебно да се коригираат, да ги израмнат во компромис меѓусебните проблеми и спротивности. А, тој дијалог е оној вистинскиот, епистемолошки исправниот, само доколку страните се подготвени во обострано присуство да ги суспендираат секоја своите извесности, своите темелни вистини.

Спротивно на сето погоре кажано, севкупниот политички живот во Македоња е претворен во монолошка форма, во говори и соопштенија потполно меѓусебно спротивни и без каква и да е допирна точка; политички програми што веќе одамна немаат ниту идеологија, ниту содржина, ниту човечка смисла. За ВМРО – најкриминалната од сите злосторнички партии – сите други се криминалци, а единственото решение за сите проблеми се предвремени избори со кои тие арамии пак ќе ја заробат и ќе ја ограбат саканата им татковина.

Моите другари од СДСМ – испразнета од социјалдемократски политики, се мачат да ја остваруваат државоспасителната политика на она што се мора во дадениот миг, и како лек за сите домашни проблеми ја нудат кафкијанската но безалтернативна евроинтеграција. Албанските партии нудат само различни степени и нијанси на остварување на албанските групни етноинтереси што ќе достигнеле крешендо во ЕУ. Сè на сè – ништо, постигнато со дијалог помеѓу никого.

Бугарите ја врескаат истата иредентистичка и фашистичка порака, и наместо дијалог ја испраќаат до своите европски партнери како објаснувачки меморандум, а до нас како уценувачко вето. Европската Унија едногласно го форсира своето проширување како единствено можно, како „понуда што не може да се одбие“ или „договор што никогаш нема да биде подобар“. Истовремено, Унијата води војна со Русија, поддржувајќи ја Украина „до последниот Украинец“, славејќи ја мантрата дека мировни преговори нема да има сè додека Русија не биде потполно поразена.

Америка, пак, шефот на дисциплинираниот „слободен свет“, соопштува дека Русија веќе ја изгубила војната, а мировниот дијалог ќе отпочне откога поразот ќе биде материјализиран на бојното поле. Русија, се разбира, соопштува дека борбата со Украина, Америка и „колективниот Запад“, е борба за опстанок на Руската Федерација, па мировен дијалог ќе имало само по нивната победа и отстранување на егзистенцијалната закана.

Тоа значи колку и да се обѕираме влево и вдесно, по нашава прчија но и ширум светот, ќе видиме дека со планетава владеат кретени што се способни за дијалог единствено со поразен и уништен противник. Всушност, во грдата стварност што господари со светот дијалошката форма на комуникација – методолошката кралица на мислата уште од Сократа – како да е во потполност заборавена и укината. Луѓето се секаде подготвени да ја врескаат само својата верзија и социјално да ја еманираат само својата глупавост. Сократовиот и Бомовиот дијалог за жал не е нешто што постои во 21 век, а со светот владее глупоста, во корен погрешната мисла, мислата без смисла. А таа е секогаш самодоволна и арогантна, апсолутно неспособна за никаков дијалог.

(Авторот е архитект)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот