
Само да поминат изборите, па ќе се договориме со Бугарите за тунелот, вели Николоски
Ако сè оди како што треба на двете страни, во 2031-2032 година треба да може да се патува со воз од Скопје до Бургас, најави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Препорачано
Тој потврди дека на 4 ноември, кога ќе завршат сите ограничувања поради изборите, ќе се потпише договорот за заедничка изградба на прекуграничниот тунел на пругата кон Бугарија, како што е договорено во јуни годинава.
-Во јуни имавме средба со вицепремиерот и министер за транспорт Караџов во Истанбул, една корисна конструктивна средба каде што првпат после скоро година дена, седнавме да ги разгледаме реалните проблеми коишто се од инженерски, а не од политички карактер. Имајќи предвид дека средбата беше таква, стручна за теми коишто не се поврзани со политика, затоа што градење пруга не е политика најдовме многу брзо решение, рече Николоски.
Договорено е Македонија да ја изгради третата фаза од железницата кон Бугарија, првата, додаде, е изградена, а втората се гради во моментов.
-Бугарија си ги презеде своите обврски, а тоа е да инвестира милијарда и половина евра во изградба, реконструкција и надградба на пругата која што оди од Софија преку Перник до Ѓуешево и да го изгради делот од Ѓуешево до границата. За делот од Ѓуешево до границата веќе има тендери и она што останува тунелот којшто претходно, за жал, беше проектиран до пола, сега ќе се проектира целосно и за таа работа секако треба да се потпише меѓудржавен договор. По завршувањето на изборите, кога ќе завршат овие ограничувања истиот ќе го потпишеме, рече Николоски.