Рускиот министер за надворешни работи: Американците шират пропаганда дека ќе извршиме инвазија

Сергеј Лавров и Ентони Блинкен
Сергеј Лавров и Ентони Блинкен / Фото: EPA-EFE/RUSSIAN FOREIGN AFFAIRS MINISTRY/EPA-EFE/MAST IRHAM

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска во телефонски разговор со неговиот американски колега Антони Блинкен изјави дека Вашингтон води пропагандна кампања за потенцијална руска агресија со цел провокација, соопшти руското Министерство.

Коментирајќи го разговорот меѓу двајцата министри за надворешни работи, руското министерство соопшти дека Лавров рекол оти и Вашингтон и Брисел ги игнорирале клучните безбедносни барања на Москва. Русија бара правни гаранции дека НАТО нема да се прошири понатаму на исток или да инсталира ракетни системи во нејзините соседни земји. Западот, од друга страна, ја обвинува Русија дека подготвува инвазија на Украина.

-Пропагандната кампања за руската агресија против Украина, што ја започнаа САД и нивните сојузници, има за цел да ги испровоцира и охрабри властите во Киев, рече Лавров.

Западот ја охрабрува Украина да ги саботира договорите од Минск со цел насилно да го реши проблемот со Донбас, регион контролиран од проруските сили, се наведува на веб-страницата на министерството. Ден претходно беше објавено дека Западот ги игнорирал деталните, рационални објаснувања на руските власти дека Русија сака мирно решение на украинската криза, во согласност со договорот од белорускиот главен град.

Станува збор за договор од 2014 и 2015 година, потпишан од претставници на Русија, Украина, проруските сепаратистички лидери и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), а поддржан од Советот за безбедност на ОН.

Договорот вклучува точки како што се повлекување на тешкото оружје од источна Украина, одржување избори во одметничките региони и повторно воспоставување украинска контрола на границата со Русија.

Во соопштението објавено вчера, руското министерство напиша и дека државите имаат право да распоредат свои војници на нивна територија и дека воените вежби што се одржуваат во Белорусија се од одбранбен карактер.

Амбасадорот на Русија во Вашингтон, Анатолиј Антонов денеска изјави дека САД алармираат без никакви докази за поддршка на наводите за инвазија, пренесува ДПА.

САД сакаат да создадат впечаток дека агресијата е неизбежна, рече рускиот дипломат. Вечерва, додека земјите ги повлекуваат своите дипломати од Украина, телефонски треба да разговараат и претседателите на САД и Русија, Владимир Путин и Џо Бајден.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот