
Руската пропаганда за војната во Украина силно „гази“ во Македонија – истражување на „МОСТ“
Руска пропаганда се шири во Македонија. Преку добро развиени и координирани мрежи на Фејсбук се засилува руската пропаганда, дезинформации и манипулација со информации во Северна Македонија, покажува анализата на граѓанската иницијатива „Мост“. Повеќе од 4 000 статии и 10 000 постови на социјалната мрежа фејсбук се идентификувани и анализирани во рамки на студијата за руската пропаганда, влијание и дезинформации во Македонија за војната во Украина, објави МОСТ.
Препорачано
Ова е прва ваква студија во земјава и регионот и се работело во период од 1 март 2022 до 28 февруари годинава. Во функција на ширење на руската пропаганда во земјава се вклучени и „домашни актери“, кои го овозможуваат и засилуваат тоа, или ги пренесуваат пораките.
„Обемот, фреквенцијата и интензитетот на забележаните наративи покажуваат дека Северна Македонија и Балканот се високо на агендата на Кремљ, рече Росана Алексоска, од граѓанската асоцијација МОСТ, презентирајќи го истражувањето.
Таа вели дека студијата потврдува оти руските операции за влијание имаат за цел да поттикнат поделби во општеството, да ја поткопаат довербата во институциите и да предизвикаат вознемиреност кај граѓаните.
Според податоците од студијата, се вели дека Македонија и Балканот се високо на агендата на Кремаљ. Од почетокот на агресијата врз Украина, поранешната Југославија и Косово секој месец се спомнувале во погрешен контекст од највисоки функционери од Кремљ.