Русија затвора фински конзулат и протерува девет фински дипломати

Русија денеска соопшти дека го затвора финскиот конзулат во Санкт Петербург и протерува девет фински дипломати, откако оваа нордиска земја протера исто толку руски дипломати од Хелсинки.

„Девет вработени во финската амбасада во Русија и конзулатот во Санкт Петербург се прогласени за персона нон грата“, соопшти руското МНР.

Министерството додаде дека договорот што ја овозможи работата на финскиот конзулат во Санкт Петербург ќе биде откажан на 1 октомври. За овие мерки бил известен финскиот амбасадор Анти Хелантера, кој бил поканет во Министерството за надворешни работи во Москва.

Тој доби „остар протест“ поради „конфронтирачката и антируска политика“ на финските власти, која, како што тврди руската дипломатија, има за цел „да ги уништи децениските заемно корисни руско-фински односи“.

Финските власти на 6 јуни објавија дека протеруваат девет руски дипломати од Хелсинки, обвинувајќи ги дека работат за руските разузнавачки служби.

Односите меѓу двете соседни земји значително се влошија по руската инвазија на Украина. Поради оваа агресија Финска се откажа од долгогодишната политика на воена неутралност, па во април и официјално стана членка на НАТО алијансата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот