
Русија првпат пресретна украинска крстосувачка ракета „фламинго“
Првото документирано пресретнување на украинската крстосувачка ракета „фламинго“ се случи над руска територија.
Препорачано
Според извештаите од земјата и Телеграм-канали поврзани со руските екипи за воздушна одбрана, целта летала на висина од околу 100 метри со брзина од приближно 600 км/ч кога била соборена од противвоздушниот ракетен систем „Бук“.
Остатоците биле пронајдени на руската страна од фронтот. Руското Министерство за одбрана сè уште официјално не го коментирало инцидентот, пишува порталот Оружје-онлајн,
Оружје со големи амбиции
„Фламинго“ дебитираше пред украинската јавност како „пресвртувачко“ оружје. Со деклариран дострел до 3.000 километри, брзина на крстосување од 900–950 км/ч и боева глава потешка од еден тон, оваа ракета на хартија се вбројува во истата категорија со западните „томахавк“ или „сторм шедоу“.
Киев го претстави системот како „стратешко средство за одвраќање“ и доказ дека домашната индустрија е способна да произведува оружје за длабоки удари.
Но, првата борбена употреба кон крајот на август (четири лансирања кон цели во Крим, од кои три биле пресретнати, а четвртата ракета паднала стотици метри од целта) го отвори старото прашање за новите системи: сигурноста и точноста во реални услови.
Технички профил: хибриден дизајн со ограничувања
Судeјќи според достапните податоци и снимки, „фламинго“ има хибриден дизајн. Погонскиот систем се базира на стар советски турбомлазен мотор AI-25TL (познат од авионот L-39 „Албатрос“), со стартен ракетен потисник од мобилни лансери. Навигацијата комбинира инерцијална и сателитска корекција, а во завршната фаза се користи активна радарска глава.
Ракетата содржи бројни странски компоненти, меѓу кои и кинески. Производствените броеви не укажуваат на големи количини, туку на бројот на достапни мотори. Проценетата цена е околу 1,5 милиони долари по ракета.
Во идеални услови, „фламинго“ би требало да има точност од околу 14 метри (CEP). Но, поради недостиг на системи за споредување на теренот (TERCOM) и силното радио-електронско попречување, ракетата е особено ранлива во зоните каде непријателот најсилно ја брани територијата — во слоевите на ПВО и електронското војување.
Аеродинамичен, дизајнот потсетува на постари советски беспилотни летала (Ту-143), што укажува на компромис: долг дострел со профил на лет кој сепак е откриен од современите радари, наведува порталот.
Контроверзно потекло и истраги
Проектот не е без контроверзии. Аналитичари забележале сличности со ракетата FP-5 на британско-емиратската Milanion Group (јавна премиера во 2025 г. во Абу Даби), што поттикна сомнежи дека „фламинго“ е делумно изграден со странски технолошки трансфер или лиценцирана адаптација. Украинските извори, пак, инсистираат на целосно домашен развој.

Дополнителна сенка фрла и истрагата на украинската антикорупциска агенција НАБУ против производителот Fire Point за наводно преголеми трошоци и нетранспарентни договори – скандал што избувна токму кога ракетата беше промовирана како „круна на домашниот развој“.
Геолокациите на првите фотографии и снимки укажуваат дека производствените капацитети се лоцирани во магацин на периферијата на Киев, а не во голема фабрика.
Тоа, според аналитичари, ги направи локациите подложни на руски прецизни удари и ја доведе во прашање способноста за масовно производство.
Стратегиска димензија: симбол и предизвик
Сè што е меѓу првичните амбиции и реалноста е прашање на стратегија. Киев се обидува со „фламинго“ да добие преговарачки простор и да задржи притисок преку длабоки удари, додека Москва одговара со преместување и засилување на својата воздушна одбрана, откривање на производствени локации и прилагодување на својата мрежа од сензори и блокирачи.
Првото пресретнување не значи крај на проектот, но ги отрезнува очекувањата. Вистинската вредност на системот ќе се покаже во статистиката: колку ракети ќе бидат лансирани, колку ќе стигнат до целта и со каков ефект.
Дотогаш, „фламинго“ останува и симбол и предизвик, оружје кое изгледа моќно на 3.000 километри, но најголемите проблеми ги има во првите 100 метри од летот, наведува порталот во својата анализа.