Рот: Сега не е момент за првата меѓувладина конференција
Во потрага по разумни решенија и сакајќи да бидеме од помош, сметаме дека сега не е момент за првата меѓувладина конференција, рече германскиот министер за европски прашања, Михаил Рот.
-Доколку имате билатерални конфликти кои не можат да се разрешат во наредните неколку недели, сега не е време за почеток на првата меѓу владина конференција. Сакаме да испратиме вистински сигнал кон Западниот Балкан, Македонија и Албанија, тие направија многу, постигнаа многу, но тоа е долг пат кој започнува со преговори- рече Рот по завршувањето на состанокот на Советот на министри во Брисел.
– Проширувањето не смее да биде заложник на билатерални барања на одредени земји членки, порача германскиот министер, алудирајќи на бугарската блокада на процесот.
Македонскиот премиер Зоран Заев вчера потврди дека не очекува добри вести од денешниот состанок на ЕУ-министрите. Заев, како и шефот на германската дипломатија Хајко Мас, се надева дека може да се најде компромис во наредниот период, па зеленото светло за почеток на преговорите да се добие во декември.
Бугарија ја поддржа преговарачката рамка за членство на Албанија во ЕУ, но не и онаа на Северна Македонија, соопшти попладнево на брифинг, бугарската министерката за надворешни работи Екатерина Захариева, пренесе Nova.bg.
-Ја изразив позицијата на Бугарија дека ние можеме да ја одобриме преговарачката рамка со Албанија, бидејќи сме уверени дека ги исполниле поголемиот дел од условите, кои им беа поставени во март- изјави Захариева.
ВИДЕО: Бугарија ја поддржа Албанија, но стави вето на Македонија