Рот: Отворањето на Уставот го отвора патот кон ЕУ

Михаел Рот/ Фото МИА

Поранешниот министер во германското МНР, а денес претседател на Комисијата за надворешна политика во Бундестагот Михаел Рот се надева дека во Собранието набрзо ќе почнат уставните измени за да продолжат евроинтеграциите на земјата, ги повика политичарите да работат за државата, а не за партијата и рече дека разбира зошто граѓаните се разочарани од ЕУ.

Претседателот на Комисијата за надворешна политика во Бундестагот, и поранешен министер во германското МНР, Михаел Рот вчера ја посети Македонија, во време кога власта и опозицијата се со дијаметрално спротивставени ставови за начинот на кој треба да продолжат евроинтеграциите. Тој им порача дека не се сами, дека „обврска на политичарите од ЕУ е да ги охрабрат Македонците и Македонките да го направат следниот чекор во правецот на ЕУ и да знаат дека тоа навистина вреди“.

Рот се надева дека во Собранието набрзо ќе се создадат предуслови за почеток на процесот на уставни измени за да продолжи патот на земјата кон ЕУ. По средбата со претседателот Стево Пендаровски во Скопје, порача дека „ги чувствува фрустрациите и разочараноста од ЕУ“ кај македонските граѓани, но дошол „да ги охрабри да се посветат на следниот чекор на европскиот пат“.

Европската Унија треба да го засили своето присуство во Македонија, а земјата треба да ги направи уставните измени за внесување на Бугарите во Преамбулата за да продолжат пристапните преговори за членство, порача Рот, кој во Скопје се сретна со државниот врв, но и со претставници на опозицијата.

По средбата со Пендаровски, Рот изрази задоволство што е повторно во Скопје, особено, како што кажа, во овие тешки времиња кога може да почувствува фрустрација и разочараност од ЕУ.

– Земјава вложи многу на патот кон ЕУ и токму сега Унијата има обврска да биде поприсутна во Северна Македонија, да биде повидлива, повеќе да се ангажира, да обезбеди перспектива и повеќе работа за младите за да знаат дека вреди. Затоа е сега многу важно уште еднаш да се предочи и да биде јасно дека ЕУ не претставува само внатрешен пазар и заедница што има една валута, туку дека таа е заедница што има културна и јазична разновидност и дека никој нема право да се меша во културниот идентитет. Ниту еден договор нема да може никогаш да промени нешто од ова основно начело на кое се заснова ЕУ – рече германскиот пратеник.

Тој се надева дека во македонското Собрание ќе можат да се создадат предуслови за да се продолжи „ангажирано со пристапните преговори“.

– Знам дека на многумина воопшто не им паѓа лесно кога станува збор за тие уставни промени, но секој треба да си го постави прашањето, не како може јас да ѝ помогнам на мојата партија, туку како може јас да ѝ помогнам и да придонесам за мојата земја – нагласи Рот.

Според него, политички одговорните лица во земјата сега треба да продолжат понатаму со напредокот со следните чекори, да ја засилат демократијата, да продолжат со борбата против корупцијата и непотизмот и да создадат работни места.

– Но, исто така, сега и ЕУ треба да ја врати довербата што е изгубена и да не остане само на празно ветување. Значи, таа треба да направи нешто конкретно, треба да продолжи поддршката на економски и на политички план, особено во време на ваква криза, бидејќи ние сите сме загрозени и сите ние се наоѓаме во истиот брод. Сега треба да покажеме солидарност пред сè со Западен Балкан, особено со луѓето во Северна Македонија – смета Рот.

Тој објасни дека ќе се сретне и со претставници на граѓанскиот сектор, затоа што е дојден да слушне што имаат и тие да кажат и потенцира дека има разбирање за фрустрацијата што постои.

– Треба да си го поставиме прашањето – што можеме да направиме во оваа тешка и драматична ситуација за земјата и за луѓето. Се надевам дека ќе бидат создадени предусловите за промената, за да може да има темпо и забрзување на овие пристапни преговори со ЕУ затоа што тоа е многу потребно и никој не може да очекува дека за една или две години ситуацијата ќе биде подобра. Земјата во однос на ова направи веќе многу, така што, всушност, останува уште малку – посочи Рот.

Пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски на средбата со Рот му го пренел партискиот став дека тие се против уставните измени.

– На средбата со претседателот на германската Комисија за надворешна политика му се заблагодарив за вниманието и за поддршката за Македонија, но изразив жалење што ЕУ не успеа да го спречи агресивниот ревизионизам од Бугарија по однос на самобитноста и етногенезата на македонскиот народ. Ја искористив можноста да го повторам ставот на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, дека сме против уцените од Бугарија за смена на Уставот, кој еминентниот Германец Роман Херцог и Французинот Роберт Бадентер го оценија со највисоки оценки – извести пратеникот Милошоски.

Германскиот пратеник, кој е поранешен државен министер за Европа, вчера се сретна и со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи, како и со претседателот на Собранието Талат Џафери. На средбата со спикерот Џафери, според собраниската прес-служба, Рот изразил целосно разбирање за фрустрациите и за разочараноста од актуелните случувања и нагласил дека ЕУ нема право да се меша во јазичниот и културниот идентитет на Македонците и тоа мора да се почитува.

„Во однос на претстојните уставни измени за влегување во следната фаза од преговорите за членство во ЕУ, Рот го искажа ставот дека треба да се исполнат преземените обврски и дека тоа нема да биде на штета на ниту еден Македонец или Македонка во земјата, а Германија ќе стои цврсто зад спроведувањето на ветувањата кон земјата дадени од ЕУ за забрзување на евроинтеграцискиот пат кој не е само во корист на регионот, туку е во корист на сите членки на Унијата“, се вели во соопштението од Собранието.

Пред посетата Рот твитна дека доаѓа во предизвикувачко и фрустрирачко време за Македонците: „Добро утро, Скопје! Добро е да се вратиш во предизвикувачки, фрустрирачки времиња за Македонците! Но, вие никогаш нема да чекорите сами… Надежта е клучот! И патем: Македонскиот е јазик во Европа на културни различности!“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот