Наташа Сарџоска, писателка

Романот „Трамонтана“ на Наташа Сарџоска е објавен со превод на бугарски јазик во Софија

Првиот роман на македонската писателка Наташа Сарџоска со наслов „Трамонтана“ е објавен во издание на издавачкиот центар „Три“ во 2021 година, а деновиве излезе од печат во превод на бугарски јазик кај издавачката куќа „КВЦ“ од Софија.

Авторката Наташа Сарџоска е родена во Скопје во 1979 година. Таа е поет, писател, антрополог и преведувач. Живеела во различни европски земји. Студирала литература, културни студии и комуникации на универзитетите во Лисабон, Бергамо и Перпињан. Докторирала антропологија на Тибинген, Нова Сорбона во Париз и Универзитетот во Бергамо. Предава на Универзитетот „Шилер“ во Хајделберг, Германија.

Делото „Трамонтана“ е роман за потрагата по нова смисла во животот. Во романот „Трамонтана“, во главниот лик Алма се крие темнина зад името што значи светлина. Нејзината високоплатена дипломатска работа за ОН ја измачува поради лицемерието кое се крие зад големите хуманитарни проекти. Таа е слободна и невидлива, припаѓа само на себеси, во Париз. За неа љубовта е опасна, работата е досадна, а вечерите се исполнети со мажи и алкохолна интоксикација.

За разлика од неа, Алба им припаѓа на сите освен на себеси. Изневерена од корупцијата во сопствената земја, младата Македонка живее со скршено срце. Носејќи име што значи бела зора, таа едвај чека да се засолни во темнината на ноќта. Алба живее за да биде корисна, да им помага на жените кои имаат потреба, но нема кој на неа да ѝ помогне. Средбата на двете жени во Охрид, градот што знае да прими сесрдно и топло, ќе ги промени нивните судбини и ќе им отвори нови патишта кои ќе ги ослободат од темнината.

Бугарско издание на романот „Трамонтана“

– Потребна е храброст да се соочиме со огромната и застрашувачка празнина што понекогаш ја чувствуваме. Ако ја прифатиме, тоа ги открива одговорите на важните прашања во животот. И тогаш жестокиот ветер трамонтана дува низ празнината, прочистувајќи нè и давајќи ни нова смисла на животот – истакнува Сарџоска.

Освен овој роман, Сарџоска минатата година го објави и својот втор роман „Живот без сведоци“, исто така во издание на „Три“ во Скопје. Излегувањето на романите е поддржано од Министерството за култура.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 254, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3.11.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот