
„Ролексот“ поскапо ќе го мери времето – царините на Трамп драстично ги поскапеа швајцарските часовници
За време на неговата изборна кампања, американскиот претседател Доналд Трамп пушти во продажба часовници од 100.000 долари, произведени во Швајцарија, а сега секторот на часовници во таа алпска земја ризикува да биде најпогоден од неговите казнени царини, пренесува Бета. Декретот на Белата куќа дојде во средината на саемот за часовници во Женева, каде големите брендови како Rolex, Patek Philippe, Cartier, Bulgari и Tag Heuer ги откриваат своите нови производи оваа недела. Тарифите се сериозен удар за секторот чиј финансиски раст во голема мера зависи од продажбата во САД – пишува Политика.
Препорачано
САД се најголемиот пазар за швајцарските производители на часовници со 16,8 отсто од нивниот извоз во 2024 година. Извозот на швајцарски часовници изнесува 4,37 милијарди швајцарски франци (4,65 милијарди евра), што е зголемување за пет отсто во споредба со претходната година. Тоа помогна да се ублажи остриот пад на побарувачката во Кина. Со оглед на трговскиот суфицит со САД, на Швајцарија ѝ беа наметнати царини од 31 отсто (и 20 отсто за Европската Унија), кои се тешки дури и за производителите на луксузни часовници.
Тие тарифи се „штетни и неоправдани“, изјави за АФП Ив Бугман, претседател на федерацијата на часовничари, кој бара од швајцарската федерална влада „брзо да им го објасни гледиштето на швајцарската економија“ на американските колеги.
Швајцарските власти во четвртокот објавија дека нивните претставници наскоро ќе одат во САД за да се обидат да ја убедат администрацијата на Трамп дека овие царински мерки се „контрапродуктивни за сите“.
Секторот за часовници, симбол на Швајцарија, кој вработува 65.000 луѓе, е потенцијално еден од најтешко погодените од американските царински мерки. Фармацевтските производи, најголемиот извозен сектор во Швајцарија, се меѓу изземените. Индустриската опрема, уште еден важен дел од швајцарската економија, беше многу повеќе погодена, но многу големи компании во секторот имаат фабрики во САД. Индустријата за часовници ја има ознаката „Swiss Made“ (произведено во Швајцарија), што е нејзината главна продажна точка, бидејќи производството е само во Швајцарија.
За да се компензираат донекаде тие тарифи, кои се „очигледно повисоки од очекуваните“, цените ќе треба да се зголемат за околу „11 до 13 проценти“, проценуваат аналитичарите на Кантоналната банка во Цирих.
Обемот на тарифите ги „изненади сите“, изјави за АФП Џон Кокс, аналитичар во Кеплер Шевр, кој исто така очекува последици врз профитабилноста.
Според него, луксузните брендови ќе бидат во подобра позиција да ги зголемат своите цени, а најбогатите потрошувачи може почесто да купуваат додека патуваат во странство, иако тоа нема да биде доволно за да се надомести како резултат на слабеење на извозот.