Ритуална кампања без иновативност и свежи идеи

Билборди за претседателски избори /Фото: Слободен печат, архива

Досега секој ѝ се обраќа на својата публика и партиските машинерии на тие митинзи и средби ги носат своите гласачи и членови и ретко граѓаните можат да учествуваат, а и кога доаѓаат, слушаат само еден кандидат и не може да се види разликата меѓу кандидатите – вели за „Слободен печат“ аналитичарот Александар Кржаловски

Вообичаена, без иновативност, со повторувачка и ритуална комуникација, негативна и на моменти црна. Ваква е оцената на аналитичари и комуниколози 10 дена по почетокот на претседателската кампања и претставувањето на седумте кандидати што се во трка за столчето на „Вила Водно“. Како крајно негативен момент на претседателската кампања се наведува отсуството на меѓусебно соочување на кандидатите, односно можно е првпат да има претседателска кампања без јавна дебата. Наместо режирани настапи и заштитнички однос на ПР-тимовите кон кандидатите, претендентите за шеф на државата треба да се соочат со критики и контрааргументи од противкандидатите и од медиумите дури и при ризик да згрешат или да се изрезилат.

– Досегашниот тек на кампањата ми се чини прилично вообичаен со тоа што овој пат кампањите се преклопуваат. Партиите и во почетната недела даваат релативно голема поддршка на кандидатите за претседател што е и очекувано, иако не знам колку е исправно бидејќи сè уште не е почната кампањата за парламентарните избори. Досега секој ѝ се обраќа на својата публика и партиските машинерии на тие митинзи и средби ги носат своите гласачи и членови и ретко граѓаните имаат можност да учествуваат на нив, а и кога доаѓаат, слушаат само еден кандидат и не може да се види разликата меѓу кандидатите – вели за „Слободен печат“ аналитичарот Александар Кржаловски.

Александар Кржаловски во гостување на ТВ Сител / 2 ноември 2021 / фото: ТВ Сител/принтскрин

Дебатите, според него, се токму за тоа да се процени секој од нив поединечно во споредба со сите одеднаш.
Како кампањата ќе се придвижува кон крајот, тој очекува да се заостри и реториката и нападите меѓу противкандидатите, но и да има црна кампања и несоодветни напади. Кржаловски вели дека вообичаено почетната половина од кампањата кандидатите ја користат за своја презентација и промоција и за обезбедување гласови од своето членство, додека во вториот дел ќе настојуваат да ги придобијат неопределените или, пак, да му наштетат на противничкиот кандидат, односно да го намалат бројот на неговите гласови.

– Ме изненадува дека мене лично не ми стигнува ништо на социјалните медиуми од ниеден кандидат, пораки, постови, платени реклами. Мала е употребата на социјалните медиуми. Кампањата се сведува на стандардно претставување на ТВ и радио реклами и ме чуди дека на радио многупати во еден блок се повторува по три, четири или пет пати истата реклама од еден кандидат, што е малку чудно – вели Кржаловски.

Тој истакнува дека наместо дебата на кандидатите има дебата за дебатата што е невообичаено и чудно, зашто поентата на кандидатурите е токму тоа, да се соочат аргументите на заедничка дебата.

Засега е неизвесно дали воопшто во првиот круг на претседателските избори кандидатите Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова, Стевчо Јакимовски, Бујар Османи, Билјана Ванковска, Арбен Таравари и Максим Димитриевски ќе се соочат на дебата. Првично на предлог на актуелниот претседател и кандидат за втор мандат Пендаровски, требаше да се одржат две мастер дебати на кои ќе учествуваат сите претседателски кандидати и ќе бидат пренесувани од телевизиите. Начелен договор се постигна за една дебата, а потоа пропадна предлогот. Неизвесно е дали и некоја од телевизиите ќе успее да организира дебата со сите седум кандидати. Досега ТВ претседателски дуел имаше само помеѓу Османи и Таравари.
И комуникологот Сеад Џигал цени дека досегашниот тек на кампањата се одвива без некои драстични промени во однос на претходните циклуси.

– Кампањите се одликуваат со репетитивна и ритуална комуникација. Се одвиваат некои фази од нивните планирани кампањи коишто се стандард или норма. Реално кажано, добро обработено, но недостасува иновативност, недостасуваат свежи пораки, идеи, видливи и опипливи концепти за решенија за актуелните проблеми. На површно ниво може да се разликуваат три фази, претставување на кандидатите, привлекување на гласачите и негативна реторика, односно критикување на опонентите. Загрижува што и во оваа кампања како и во претходните тоа што како повеќе се одвива кампањата доминира негативната реторика, а во некои фази, за жал, и црната кампања – вели Џигал.

Според него, во кампањата доминираат и препукувањата меѓу кандидатите, кои се критикуваат, си дофрлуваат, но во препукувањето нема ништо од јавен интерес, односно дека од таквата комуникација не произлегуваат решенија за граѓаните.

Професор Сеад Џигал – комуниколог/ прингскин – Youtube

– Може за првпат за претседателските избори ќе нема јавна дебата што, пак, е уште една потврда дека кандидатите се насочени на консолидација и на мотивација на своето гласачко тело. Неводењето дебати, немање јавен дијалог, соочување со критиките и од противкандидатите и од медиумите е многу лошо за претседателската функција затоа што се очекува тој претседател или претседателка да бидат шеф на државата на сите граѓани, тоа апсолутно треба да биде натпартиска позиција. Кој и да следен на таа позиција, треба да биде претставителен, некој што ќе ја претставува државата и надвор и внатре. Обесхрабрувачки е што немаме такво ниво на свесност кај некои или кај повеќето од кандидатите – смета Џигал.

Тој смета дека сè поголем импакт врз кампањите, реториката и атаците имаат ПР-тимовите на кандидатите и дека тоа се гледа и од организацијата на прес-конференциите, од јавните настапи. ПР-тимовите се обидуваат да ги заштитат, да ги подготват и да ги контролираат кандидатите при јавните настапи и влијаат врз кандидатите тие самите да немаат доверба во нережирани настапи. Според Џигал, кандидатите мора да се соочат со непријатни прашања и критика, додека тимовите не сакаат да ризикуваат за кандидатите евентуално да не се изрезилат и потоа некој лапсус да се емитува на Тикток.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот