Ретки се тие што се уште сакаат да личат на себе!- масовна употреба на ботокс и филери

Фото: E! Entertainment / BACKGRID / Backgrid UK / Profimedia

„Слободен печат” праша во МВР како употребата на ботокс и филери влијае на биометријата на ликот? Од таму добивме одговор дека намерната измена на црти на ликот може да влијае врз експертизата и идентификација. Но според нив ова не е единствен начин на утврдување на идентитетот на лицето

Ботокс, филери, мезо конци, лифтинг на лице. Ако порано овие козметички третмани беа резервирани само за познатите јавни фаци поради цената, сега се нудат на скоро секој агол. Преплавени од реклами по социјални мрежи и медиуми и во постојана борба за подмладување голем дел од граѓаните стануваат пациенти по козметичките салони и дерматолошките ординации. Борбата со годините и потребата за вечна младост доведува до енормна употреба на ботокс и филери кои им го менуваат личниот опис. Се зголемуваат јаболкници, се исправува контура на нос, дел од нив ги закосуваат очите, а крајниот ефект може да биде зачудувачки. Ликот на човекот пред апликација на ботокс и филер и после употреба е сосем различен.

Дерматолозите со кои разговаравме велат дека умереното користење на овие козметички препарати ја враќа свежината на ликот, ги израмнува брчките на лицето и тоа ја добива елестичноста.

– Проблемот настанува кога почнува неконтролирано користење. Се јавува некој вид на зависност од употреба на козметички препарати. Се случува да дојде пациентка која сака зголемување на јаболкници или усни. Вообичаено кога доаѓа прв пат да се користи една ампула. Но таа бара две. И наместо да изгледа природно и убаво, се случува да изгледа во најмала рака чудно- вели дерматолог од Скопје.

Според него, доколку се употребува често и во преголема количина, ботоксот може да ги смени контурите налицето.

Фото: Пекселс/ тарапата-анна

– Не треба да се експерт да сфатите дека личност пред и по употреба на филери не е иста ако претера со инекции. Сигурно сте имале некој познаник или пријател кој не сте го виделе подолго време да ви се случи едвај да го препознаете- вели дерматологот.

„Слободен печат” го праша Министерството за внатрешни работи како употребата на ботокс и филери влијае на биометријата на ликот ? Од таму добивме одговор дека намерната измена на црти на ликот може да влијае врз експертизата, како и врз автоматизираната обработка,т.е. идентификација човечки ликови во специјализирани компјутерски системи. Но според нив ова не е единствен начин на утврдување на идентитетот на лицето и тоа не претставува фактор кој ја оневозможува ваквата експертиза.

-Кај секоја индивидуа, следните фактори влијаат на физичката стабилност на цртите на ликот и нивните компоненти: израз на лицето, стареење (со краткорочно – до 5 години и долгорочно влијание – над 5 години), изразита промена на телесната тежина, промена во здравјето и намерна измена црти на ликот. За целите на форензичката дисциплина препознавање лик како биометриски податок, стабилноста на компонентите на ликот се оценува за секој од овие фактори, земен изолирано. Повеќе фактори можат да влијаат на различни компоненти на ликот, а сите нив експертот за препознавање лик ги зема предвид. Сите фактори нема да влијаат на компонентите во исто време или на ист начин, а некои компоненти може воопшто да не бидат засегнати- велат во МВР.

Факторот намерна измена црти на ликот, како што се апликација на ботокс, филери, трајна шминка со тетоважа и сл. резултира со варијации на ликот кои се јавуваат како функција на таквите намерни модификации. Овие варијации можат да бидат привремени или трајни.

Фото: Пекселс/ cottonbro-studio

– Промените може да произлезат од видливи модификации на површината на кожата, како што се влакна на лицето, тетоважи, пирсинг, козметика (шминка, трајна шминка со тетоважа) и др. Промените може да произлезат и од модификации под површината на кожата поради козметички, стоматолошки или реконструктивни процедури или различни културолошки практики. Намерните измени се карактеристики на компонентите чија стабилност мора, исто така, да се земе предвид при експертизите- велат од Министерството за внатрешни работи.

Од таму објаснуваат дека експертизите за препознавање лик се прават со морфолошка анализа на ликовите, при што се земаат предвид голем број компоненти на ликот, како што се: кожа, изглед на лице/глава, композиција на лице/глава, коса, чело, веѓи, очи, образи, нос, уши, уста, брада/долна вилица, врат, влакна на лицето, бразди/линии на лицето, лузни, други маркери на лицето и промени/алтерации (пирсинг, шминка, тетоважи – вклучително и козметички). Врз експертизите влијаат и технички елементи, како квалитет на фотографии, перформанси на систем и содржина на бази со податоци (во случаи на автоматизирана идентификација на лик со специјализирани софтвери) и др.

-Оттука, иако намерната измена црти на ликот може да влијае врз експертизата, како и врз автоматизираната обработка, т.е. идентификација човечки ликови во специјализирани компјутерски системи, таа сепак не претставува фактор кој ја оневозможува ваквата експертиза- објаснуваат од таму.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот