Речиси една третина од возрасните и децата во Македонија живеат со дебелина

Центар за дебелина /Фото: "Слободен печат"/Драган Митрески

Институтот за јавно здравје по повод 4 март Светскиот ден на дебелината, информира дека дебелината кај возрасните и децата во земјава е стабилно – на високо ниво. Најновата студија објавена во реномираното медицинско списание „Лансет“ покажува дека во 2022 година повеќе од 1 милијарда луѓе во светот живееле со дебелина. Во светот, од 1990 година, дебелината е зголемена повеќе од двојно кај возрасните, а четирикратно е зголемена кај децата и адолесцентите од 5 до 19 години.

Вкупно 28,4 проценти од возрасните во Македонија живеат со дебелина. Во земјава дебелината кај возрасните е зголемена за 13,6 проценти, а кај децата и адолесцентите за 7,4 проценти споредено со 1990 година.

Повеќе од 10 години, Институтот и Центрите за јавно здравје ја спроведуваат Иницијативата за следење на дебелина кај децата на Светската здравствена организација (СЗО), позната под акронимот КОСИ, имплементирана во 45 држави од Европскиот Регион. Оваа иницијатива е најмасовниот систем на следење на трендовите на зголемена телесна тежина и дебелина кај децата преку стандардизирани антропометриски мерења и процена на детерминантите на дебелината во семејната и училишната средина.

Најновите податоци покажуваат дека 30,5 проценти од децата од 6 до 9 години во Македонија живеат со зголемена телесна тежина или дебелина. Вкупно 13,8 проценти од нив живеат со дебелина или екстремна дебелина. Дебелината е почеста кај момчињата за разлика од девојчињата. Повеќето од децата кои имаат зголемена телесна тежина и дебелина живеат во урбани средини.

Исхрана со високо преработена и енергетски-богата храна е значаен фактор кој придонесува кон
развојот на зголемена телесна тежина кај децата. Социоекономските карактеристики на семејствата на децата и достапноста на храна во и околу училишната средина влијаат врз навиките за исхрана кај децата.
Физичката неактивност кај децата заради намалените можности за безбедни животни средини кои промовираат активна игра и движење на децата, доведуваат до помалку движење и употреба на електронски уреди како клучни детерминанти на дебелина, велат од Институтот за јавно здравје.

Трендовите на зголемена телесна тежина и дебелина кај децата во Македонија се одржуваат стабилно на високо ниво.

Потребен е сеопфатен и мултисекторски пристап кон дебелината, од давање приоритет на факторите од животната средина кои влијаат врз дебелината до зајакнување на здравствената заштита за превенција и контролата на дебелината како хронично заболување, велат од ИЈЗ.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот