
Рецепт за превкусен намаз на Стефанија Несторовска: Како да направите класичен хумус
Хумус – популарноста што ја стекна во последниве неколку години… Сите сме пробале, сите си го правиме по дома, сите го сакаме – нели?
Препорачано
Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, вели дека го прави веќе со години и сите што го пробале, рекле дека е најдобрата верзија досега. Навистина е превкусен.
„Иако постојат милион варијанти за подготовка на хумус – сакам да ви ја споделам мојата верзија за класичен, секојдневен намаз што треба да го имате во фрижидер. Велам класичен зашто ова е најприближна (домашна) верзија на оној автентичнион хумус. Некои од новиве варијанти или оние купечките имаат вкус повеќе на паштета отколку на хумус, јас сепак го сакам тој малку горчлив, медитерански вкус, а овој рецепт е токму таков. Така што, ако сте расположени за вистинско хумус искуство – мора да го пробате“, порачува Стефанија.

„Секако, можете слободно да си го приспособите според сопствен вкус. Јас сакам да преовладува таанот, па и затоа е количината таква како што е. Но, убавината на овој рецепт е што може да пробувате додека се прави, па да смените доколку не ви се допаѓа или ви недостасува нешто.
Само имајте на ум дека хумусот со самото стоење во фрижидер, станува сè повкусен и повкусен. Особено кога ќе отстои една вечер во фрижидер, па вкусовите ќе попримат еден од друг и ќе добие некоја целина.“
Стефанија предлага и неколку идеи како да го користите хумусот:
→ Како додаток во оброк салата
→ Намаз за леб, тост, печива и слично
→ Како намаз за свеж зеленчук (одлична варијанта за здрава закуска)
→ Во комбинација со главно јадење, пример: пилешко, риба, друго парче месо и слично
→ Како сос за паста
→ Со фалафел како ултимативно веганско јадење!
И многу други опции и варијанти. Јас сакам да си направам една ваква порција и во текот на неделата го комбинирам буквално со сите можни оброци. Дури и оние здодевните ги прави малку позабавни и вкусни, вели Стефанија.

Рецепт за класичен хумус:
Состојки:
– 2 конзерви наут
– 125 грама (1/2 шолја) таан
– сок од 2 лимони
– 80 милилитри (1/3 шолја) водичката од конзервата со наут *
– 60 милилитри (1/4 шолја) маслиново масло
– 2 чешниња лук
– 1 лажичка сол
– 1 лажичка кимион*
*Зачувајте и повеќе од водичката од наут, доколку има потреба да се додаде повеќе при блендирање
**Кимион е зачин – да не биде помешан со КИМ. Мoже да се најде и во зрна, па може да си го измелете во блендер дома. Вкусот е доста специфичен и автентичен за хумус и медитеранска исхрана. Јас лично го обожавам и навистина прави разлика кога го има во хумусот. Но доколку не го најдете, не грижете се – пак ќе биде вкусен.

Подготовка:
Се процедуваат конзервите наут од водичката. Не заборавајте да ја зачувате водичката. Наутот се премива со ладна, чиста вода и се цеди. Се додава во блендер.
Доколку имате време (и нерви) може да ги излупите зрната наут. Само додајте ги во крпа, протријте и тие сами ќе се одделат. Ова одзема дополнителни 10-15 минути и резултатот е малку покремаста текстура, но искрено, јас никогаш не го правам и воопшто не ми смета таа мала разлика.
Се додаваат сите други состојки и се блендира сè додека смесата не се соедини и не се добие кремаста, соединета текстура. Пробајте како е на вкус и доколку е потребно, адаптирајте со состојки. Само имајте на ум дека вистинскиот вкус на хумусот доаѓа откако ќе преноќи една вечер во фрижидер.
Доколку има потреба, додадете повеќе од водичката од наутот за полесно блендирање или по желба – во зависност каква ја сакате текстурата (потечна, погуста).
И тоа е тоа. Лесно, едноставно – вистински, класичен и автентичен вкус на хумус во неколку чекори.
Може да стои во ладилник, затворен во стаклен сад 4-5 дена (а и повеќе)…
Јас сакам да додадам малку маслиново масло одозгора, за да не се засушува одозгора при стоење, но не и не мора.
Забелешки и совети:
→ Рецептот погоре е специјално и исклучиво за наут од конзерва. Доколку сакате да користите наут што претходно треба да се вари – рецептот ќе мора да се адаптира, меѓутоа, не би знаела за сигурно, па затоа не можам да кажам точни мерки.
→ Од самиот рецепт излегува доста количински па ако сакате помала количина, само преполовете ги сите состојки.
→ Потребно е да имате добар блендер или процесор за храна за да добиете убава, кремаста смеса. Еднакво вкусно ќе биде и со користење мал блендер, меѓутоа можеби ќе биде потребно да додајте повеќе течност, за полесно да се изблендира. Исто така, можеби ќе биде подобро да ја преполовите количината, затоа што има доста намирници, но ќе мора сами да одлучите затоа што секој блендер, мултипрактик, има различни димензии и јачина на мотор, па не би можела да знам, ниту да гарантирам.