
Разговор со Владимир Јанковски за романот „Ехото на акробатите“ ќе се одржи во Градската библиотека во Скопје
Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје на 4 април ќе се одржи разговор со писателот и преведувач Владимир Јанковски, чиј роман „Ехото на акробатите“ е книга за месец април во сите библиотеки од мрежата на ГБСК. Разговорот со Јанковски, книгата на месецот и клубот на читатели се препознатливите елементи на големата кампања „Читаме современи македонски автори“.
Препорачано
Модератор на разговорот ќе биде Александра Јуруковска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски. Настанот ќе се одржи во 19 часот во спомен-собата „Т’га за југ“.
Јанковски за оваа книга ја доби наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2024 година, признание што го доделува издавачката куќа „Арс Ламина“.
– Романот „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски, загатлив во поинтилистичкото и драмско заплетување на дејството, е вешто развиен во семејна сага во којашто заемно се огледуваат две епохи: денешницата како ехо на онаа што заврши со распадот на СФРЈ. На читателот постепено, дури отпосле му се открива оваа широка општествена слика, во која е воведуван и воден небаре ѕирка низ ниските сутеренски прозорци или низ оптиката на клучалката или оптиката на камерата за надзор – беше потенцирано во одлуката на жирито.
Владимир Јанковски (1977) е писател, уредник и преведувач. Завршил општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Досега има објавено две книги разговори со Влада Урошевиќ („Огледало за загатката“ и „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“); книгите „Скопје со широко отворени очи (фотоесеј)“ и „Лицата на невидливиот град“ во соработка со фотографот Иван Блажев; и четири романи („Вечно сегашно време“, „Невидливи љубови“, „Скриени желби, немирни патувања“ и „Ехото на акробатите“).
Добитник е на наградите Роман на годината (за романот „Скриени желби, немирни патувања“), Рациново признание (за романот „Невидливи љубови“) и на „Пегаз“, наградата за најдобар необјавен роман во 2024 година (за „Ехото на акробатите“). Јанковски се занимава и со превод. На македонски јазик превел книги од Јан Мекјуан, Маргарет Етвуд, Џон Фанте, Сузан Сонтаг, Чарлс Буковски, Дубравка Угрешиќ, Миљенко Јерговиќ, Ведрана Рудан, Кристијан Новак и многу други.
Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје за кампањата „Читаме современи македонски автори“ го доби признанието Промотор на читачката култура за 2024 година, што го доделува Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).