Разговор со визуелната уметница Софија Чотирбок, чија изложба „Дома пред да се стемни“ е поставена во „Мала станица“

Дело од изложбата на Софија Чотирбок

Концептуалната поставка „Дома пред да се стемни“ на италијанско-украинската визуелна уметница Софија Чотирбок од 24 февруари до први март е поставена во мултимедијалниот центар „Мала станица“ при Националната галерија во Скопје. Изложбата е во организација на „Јуроп хаус Скопје“.

Изложбата на фотографии произлегува од биографска епизода на Софија Чотирбок поврзана со барањето за италијанско државјанство, што значело откажување од нејзиното родно државјанство, украинското.

Таа живее во Милано, каде што дипломирала фотографија, а нејзиното истражување се фокусира на темата на идентитетот во постсоветското општество, миграцијата и архивата како интимна и домашна меморија, трансформирана во универзална човечка материја преку фотографија, видео и ткаенина.

Каков личен и психолошки процес е потрагата по сопствениот идентитет?

– Трагањето по идентитетот е неопходен и потенцијално бесконечен процес. Ние сме битија што постојано еволуираат во сите аспекти од животот. Нема ниту почеток, ниту крај, туку серија на основни епизоди. Во моето искуство постојат три (идентитети), од кои секој ми „подари“ свој пасош: Советскиот Сојуз, новосоздадената Украина и Италија. Три различни контексти кои ме оформија како личност, збогатувајќи го моето идентитетско наследство.

Трагањето по идентитетот е неопходен и потенцијално бесконечен процес

Пораснав како Украинка, знаејќи го минатото на мојата татковина, но во италијански контекст. Кога решив да поднесам документи за италијанско државјанство, станав свесна дека во моментот кога ќе добијам италијански пасош, ќе морам да се откажам од украинскиот. Еден ригиден и стерилен бирократски гест во мене покрена низа прашања за тоа што е идентитет. Потоа почнав да ги реконструирам нијансите на мојот живот преку фотографијата.

Тоа беше длабоко патување во моите сеќавања и стремежи, чиј почеток беше збунувачки и исцрпувачки, бидејќи ниту еден документ или граница не може да ги опфати повеќекратните состојби на битисувањето. Отфрлањето на таквата кастрација ми овозможува, како уметница и како жена, да имам побогат и послоевит поглед на човечкото искуство и идентитетот, во континуираниот однос меѓу интимната и општествената сфера.

Зошто се одлучивте за фотографијата како медиум на изразување на своите уметнички визии?

– Не чувствувам дека јас ја одбрав фотографијата, туку мислам дека таа ме избра мене. Кога се родив, во Украина, мојата соба беше дневната соба дома, каде што во шкафовите и различните парчиња мебел беа сите семејни албуми. Пораснав разгледувајќи ги тие слики одново и одново. Фотоалбумите, кои сѐ повеќе не се користат, се прекрасни предмети. Мирисот на хартијата, боите или црно-белата, звукот при прелистување, сите тие се живи суштества.

Мислам дека токму тоа е она што ме одбележа. Не можам да одредам конкретен момент кога решив целосно да ѝ се посветам на фотографијата, тоа беше флуиден и природен процес. Фотографијата ја проучувам уште од адолесценцијата, таа претставува природна алатка за мене: првата на која ѝ се обраќам за да ја разберам и претставам реалноста.

Фотографијата е првата алатка на која ѝ се обраќам за да ја разберам и претставам реалноста

Кога е создаден проектот „Дома пред да се стемни“ и каков удел во креацијата на уметничкото дело има околината во која го создавате?

– Проектот „Дома пред да се стемни“ (Home Before Dark) се роди на почетокот на 2020 година, кога по неколку години решив да одам на патување во мојата родна земја. Се прашував за украинскиот идентитет, за неговото минато, за мојот прекинат живот. Честопати се прашував која сум јас, што чувствувам за пасошот и како можам да претставам и таква интимна врска. За време на ова патување, прво од долгата серија, живеев во куќата на баба ми, а „крушчевката“ (советскиот стан) запре во времето, со семејни предмети и реликвии кои датираат од советското време.

Бев фасцинирана од местото кое во ткаените таписерии што висеа на ѕидовите содржеше прашина од повеќе истории: од најинтимната поврзана со семејната сфера до колективната на советскиот свет. Колку повеќе копав по фиоките и плакарите, толку повеќе ме опседнуваа предметите. Како што често велам: Ја опседнав куќата и куќата ме опседна мене.

Таквото опкружување натопено во сеќавања не можеше да се сведе на позадина, затоа неговиот наративен квалитет стана јадро на мојата концептуална и естетска претстава. Опкружувањето на тој начин станува протагонист на сликата на исто ниво со субјектот во преден план, со кој таа е длабоко поврзана со хроматски, експресивни и наративни односи.

Уметницата Софија Чотирбок на отворањето на изложбата во „Мала станица“

Какви чувства имате околу можноста својата уметност да ја претставите во Скопје?

– Отсекогаш сум била фасцинирана од источните земји и словенските народи, страст родена од инстинктивен афинитет наместо каква било вистинска лична или рационална мотивација. Пред неколку години, поради некоја причина што денес ме насмевнува, го истражував Скопје преку „гуглмапс“ (googlemaps) со ветување дека еден ден ќе го посетам. Подоцна случајно прочитав за историјата на Северна Македонија и ова ново сознание ги обликуваше и збогати причините за таа привлечност.

Иако македонската историја несомнено се разликува од украинската, сметам дека постои силна близина во потрагата да се потврди сопствениот идентитет. Претставувањето на мојата работа во Скопје за мене е голема можност и истовремено чест – остварување на еден мал сон. Ова е шанса да го збогатам мојот личен и културен идентитет преку соочување со нешто многу познато, иако ново и далечно, фасцинантно и непознато.

Се надевам дека нешто слично ќе се случи и со посетителите кои ќе ја видат изложбата: да препознаат во фотографскиот наратив на „Дома пред да се стемни“ нешто што припаѓа на навидум далечни светови, со кои, сепак, човек е тесно поврзан со лични, интимни искуства и со искуствата на предците.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 219, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-25.02.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот