Озбек Ајваз со скулптурата „Гласот на минатото“

Разговор со скулпторот Озбек Ајваз: Минатото не е само носталгија, туку и вредност

Скулпторот Озбек Ајваз во Паркот на Франкофонијата во Скопје ја претстави својата втора самостојна изложба со наслов „Гласот на минатото“, а станува збор за скулптурална инсталација поставена во јавен простор.

Скулптурата „Гласот на минатото“ не само што нè враќа во еден поинаков медиумски контекст, туку и предупредува за ризиците од брзината на современото информирање – полувистини, лажни вести и дезинформации што често се шират без проверка. Делото претставува уметнички потсетник на едно време кога читањето весници беше секојдневен ритуал, а вестите се примаа со трпение, внимание и доверба во изворите.

Проектот на Озбек Ајваз е во организација на Центарот за современи уметности (Мобилна / монтажна галерија), а финансиски е поддржан од Општина Центар и Министерството за култура и туризам на РСМ. Творештвото на Озбек Ајваз се карактеризира со скулптури изработени претежно од рециклирано железо, во апстрактни и геометриски форми.

Скулптурата „Гласот на минатото“ е поставена пред Мобилната / монтажна галерија во Паркот на Франкофонијата

Што те мотивираше да ја создадеш скулптуралната инсталација „Гласот на минатото“ и да потсетиш на времињата кога масовно се читаа весници?

– „Гласот на минатото“ го создадов од потребата да потсетам на едно време кога информацијата се доживуваше поинаку – побавно, поритуално и, би рекол, поверодостојно. Весникот некогаш беше главниот сведок на секојдневието, медиум низ кој луѓето се поврзуваа со светот. Ме мотивираше и личното сеќавање на моето семејство и на соседите, кои секое утро го започнуваа со весник во рака. Сакав да ја оживеам таа слика и да ја пренесам како просторна, скулптурална инсталација, за да потсетам дека минатото не е само носталгија, туку и вредност што денес може да нè научи на внимателност, проверка и почит кон информацијата.

Технологијата со крупни чекори оди напред. Каков третман, според тебе, има културата во време на онлајн-медиуми и социјални мрежи?

– Технологијата ја забрза културата – сè се консумира брзо, на 15 секунди внимание. Порано за новости и уметност се користеа весници и каталози, денес е сè на еден клик. Софтверот може да исчезне, ама печатеното „црно на бело“ останува. Улогата на уметникот е да создаде дела што го држат вниманието и нудат длабоко искуство.

Печатеното „црно на бело“ останува траен сведок и потсетник дека информацијата и вниманието се вредности што не смеат да се изгубат

Како ја создаде конкретната скулптура „Гласот на минатото“ и каква порака испраќаш со неа?

– Јас сум дел од генерацијата што последна порасна на улица и сум сведок на старите градски секојдневни обичаи. Се сеќавам како беше порано – кога бев дете, иако имавме интернет дома, ако баба ми зборуваше на фиксниот телефон, интернетот се гаснеше. Тогаш вниманието имаше сосема поинаква вредност.

Во скулптурата се вметнати вести од весник печатен во 1975 година, и кога ќе ги прочитате, ќе видите дека проблемите што тогаш биле актуелни, и денес се присутни. Македонија годинава слави 34 години независност, но многу од темите и предизвиците остануваат исти.

Со ова дело сакам да го прикажам контрастот помеѓу внимателното примање информации порано и брзото „скролање“ денес. Печатеното „црно на бело“ останува траен сведок и потсетник дека информацијата и вниманието се вредности што не смеат да се изгубат.

Како излезе да се занимаваш со создавање скулптури од рециклирано железо и како се снабдуваш со материјал за работа?

– Сакајќи или не, уште додека студирав на факултет почнав да работам со железо. Првите делови ги најдов напуштени во гаражата на вујко ми. Секое парче во скулптурата си го наоѓа своето место – би рекол, „пасент“.

Материјалите ги наоѓам по градски отпадни места, а големо благодарам и до моите чаирски комшии, кои често донираат отпад за моите проекти. На тој начин секоја скулптура добива нов живот и приказна.

Озбек Ајваз, скулптор

Од каде ја црпиш инспирацијата и какви планови имаш за следни дела?

– Инспирацијата ја црпам од секојдневието – од луѓето околу мене, од градот и неговата историја. Ме фасцинираат обичаите и предметите што носат сопствена приказна, како и материјалите што ја чуваат меморијата на времето. Во план ми е следната изложба, каде што покрај скулптурата самата скулптура ќе има и функција – да краси некој парк во Македонија и да биде достапна за сите.

Зошто се определи за скулпторска работа, воопшто?

– Уште при упис во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, кога требаше да се избираат насоки пред приемниот испит, јас сакав графика. Но ме примија на вајарство, и така почна мојот пат со скулптурата. Учев од старите мајстори – проф. Ангел Нацевски и проф. Бранко Јакшиќ – кои ме научија на дисциплина, техника и љубов кон материјалот.

Скулптурата ми овозможи да работам со три димензии, да давам живот на материјалите и да создадам дела што траат и носат порака. Таа слобода да обликуваш и да раскажуваш приказни преку форма и материјал беше причината што останав на вајарство и што денес ме води во мојата уметничка работа.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 297, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-8.9.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот