Разговор со Дарко Влогс и Даниела Јефремов: Се познаваме од 2010 година, од почетокот знаевме дека ќе завршиме заедно

Дарко Влогс и Даниела Јефремов / Фото: Приватна архива, колаж: СП.

Доколку имате профил на Инстаграм, претпоставуваме дека досега сте наишле или веќе го следите профилот @darkovlogs. Дарко Јефремов, 33-годишен камионџија од Скопје, кој стои зад профилот, во моментот живее во САД и веќе подолго време важи за еден од најследените индивидуи во Македонија, а стекна популарност и во регионот.

Низ годините, Дарко Јефремов умешно изгради стабилна и лојална инстаграм-заедница, која редовно ги следи неговите авантури на патиштата, додека тој неуморно ја врши својата работа – возењето на „Фросе“, неговиот камион. На неговиот профил ќе најдете буквално сѐ – од хумор, вирални видеа и светски трендови, спорт и типувања, наградни игри, анкети, до предупредувања, совети, лични искуства и сериозни дискусии – со што Дарко, несомнено и заслужено, стана главното „збирно место“ за инстаграмџиите во Македонија.

Така, доколку нешто се случува, добро или лошо, шансите дека Дарко веќе добил мултимедијална „дојава“ од лице-место, се огромни. Но, не станува збор само за редовното споделување актуелни случувања и интересни содржини – тоа, се обидуваат и го прават многу профили. Во оваа ера на социјално вмрежување, начинот на комуникација е клуч за успех, а ретко на кој му успева тоа, како на Дарко кој секогаш негува опуштена, отворена и искрена комуникација со публиката.

Дарко и Даниела / Приватна архива

По долго „следење“ на Дарко, конечно го реализираме овој разговор со него и неговата сопруга Даниела, за кој се договараме веќе една година.

Дарко, ти си ни прв на „тапет“. Кој е Дарко Јефремов? Претстави ѝ се на нашата публика.

Дарко Јефремов е аеродромско дете, кое напорно работи на неговите соништа да станат реалност.

Дарко, што беше прво, камионот или профилот? Колку години минаа откако го започнa @darkovlogs? Како се роди таа идеја? Раскажи ни за почетоците, што претставуваше тогаш Инстаграм за тебе – „тепање“ време на патиштата, или пак, го започна профилот со цел да стане тоа што е денес?

Дарко: Камионот беше прв, а профилот беше креиран за, буквално како што нагласивте, да тепам време додека ми е досадно. Од мал обожавам технологија, а особено камери и обработување видеа и фотографии. Си реков, ајде, моите патувања низ Америка да ги снимам и документирам – прво лично за мене, а потоа за другите, кои сакаат да гледаат таков начин на живот. И пробав – прво на Јутјуб, па на Фејсбук. Не ни планирав да почнам на Инстаграм, но другарка ме убеди дека младината е таму. И така, се случи. Едно видео, второ видео, комуникација со новите другари, муабети за камионџискиот живот, па почнав со македонски „меме“ содржини и тогаш профилот „полета“. Ме заследуваа луѓе од сите градови, буквално, инстаграм заедницата во Македонија како едвај да чекаше таков тип на профил. И еве, до ден-денес, се’ уште си живеам и со првите 400 следбеници и со новите 142.000. Поминаа речиси пет години, и денес можам да кажам: да не беше Инстаграм, подршката и муабетите со другарите дур сум по патиштата, никогаш немаше да бидам камионџија. Затоа сум им вечен должник, без нив јас никогаш немаше толку долго да возам со денови, без да се вратам дома.

Како ти ги привлече најтешките, односно првите 1 000 следбеници? Дали имаше лесен почеток или пак – со оглед на тоа дека го создаде профилот кога во интерент-сферата преовладуваа јавни лица, а на една рака се броеја инфлуенсерите во Македонија – имаше моменти кога размислуваше да се откажеш?

Дарко: Почетокот, не можам да кажам дека бил тежок, бидејќи мене целта не ми беше да добијам следбеници, јас сакав да видам повеќе насмевки на моите „сториња“ што ги правев и снимав за следбениците. А моментот, кога за 72 часа ме заследија 4 000 луѓе (од 700 на 4 700),  тогаш веќе знаев што сакаат луѓето од мене – а тоа беше да бидам реален, и таков си останав – нема потреба јас да читам спремно сценарио, или да се шминкам и за секое видео да носам различни алишта, како што прават јавните „фаци“. Во тој период бев единствен на таа платформа со таков тип содржини, зад кои стои име и презиме. Имаше и многу „меме“ профили, но никој не знаеше кој стои позади нив.

Според тебе, што беше клучно за да станеш еден од најследените луѓе во Македонија? Со кои сѐ предизвици се соочи низ годините и дали би направил нешто поразлично од денешна перспектива?

Дарко: Борбата против токсичната енергија и измамниците, моите хуманитарни акции и хуморот, дефинитивно беа клучни. А, на какви сѐ предизвици наидов, ќе зборувам некогаш во иднина, сѐ уште не е момент за тоа.

Сите креатори на големи инстаграм-профили константно еволуираат, како би останале релевантни и „свежи“ за секој нов следбеник. Но понекогаш, колку и да сакаме и се трудиме, не сме во можност да бидеме автентични и креативни. Како ти се справуваш со таквите денови? Посакуваш да се одмориш далеку од екраните и технологијата, или пак нуркаш во морето од содржини за релаксација?

Дарко: Kога сакам да одморам, друштвото ме разбира, и тоа и го правам – го оставам мобилниот и посветувам повеќе внимание на најблиските. Kреативностa ја наследив од мајка ми, а со моќта на интернетот, креативноста на профилот може само да расте. Некогаш, кога некои видеа немаат лајкови или споделувања, анализирам дали треба нешто да променам – а тогаш, инаетот и борбениот дух што ги наследив татко ми, ми даваат сила да продолжам да создавам нови работи. Нема откажување.

А има ли денови кога посакуваш да си анонимен човек?

Дарко: Не (се смее), сѐ уште сум немал незгодни случки.

Како настана твојата препознатлива профилна фотографија на инстаграм?

Креирањето и објавувањето на првата слика од Дарко Влогс, со ланецот околу врат и бушавата бела коса беше разочарување меѓу другарите и најблиските, ме сметаа за „ненормален“ и ми велеа да сум престанел да се „глупирам“. Тоа ми беше показател дека сум на одличен пат за нешто ново, нешто „ненормално“ за македонското секојдневие.

Профилната фотографија на @darkovlogs настанала на 18 април 2018 година и оттогаш е непроменета

Видеото во кое зборуваш за тоа како ти се справуваш со анксиозноста е едно од твоите најпопуларни содржини некогаш објавени на твојот профил. Раскажувајќи за трауматичните мемории од твојот прв брак, со солзи во очите објасни дека си се чувствувал како да си сам на светот. Се наврати на тоа како си живеел речиси три недели на цигари и пиво, го сподели твојот механизам за справување со непосакуваните мисли и укажа на важноста на менталното здравје. Дали пронајде нови методи за справување со анксиозноста?

Дарко: Анксиозноста беше и сe’ уште е најголемата борба во мене, најдов методи и се справувам со неа, но некогаш изненадува. Психолог, задолжително! Научив дека не сите имаат борбен карактер и можат да успеат сами, затоа ве замолувам да разберете – одењето на психолог е најнормална работа!

Во моментов си инфлуенсер и камионџија, но какво се’ работно искуство имаш досега?

Дарко: Морнар, а преку работата на брод научив и хотелиерство. Супервизор, а преку работата во магацин научив администрација. Работев и како келнер во ресторан, како и дистрибутер во Пивара. А сега, по ново, сум фриленсер со работа од дома за интернет проекти и „Native Teams“, платформа за стаж на фриленсери.

Како изгледа еден твој работен ден? Како се снаоѓаш на долгите рути? Како е да се вози низ Америка, какви се возачите таму, ги имаш ли прешкртано сите сојузни држави како извозени и која ти е омилена извозена дестинација досега?

Дарко: Возењето камион е полесно од работа од дома, затоа што одмараш со музика и гледање природа, патиштата се совршени, особено автопатите. Но, на пример Њуjорк и Њу Џерси, никако, хаос, и патиштата и народот… Вие не знаете какви сé гета постојат, кај сé имам возено, се радувам оти 5 години не сум имал посериозни проблеми по патиштата. Сé уште ги немам извозено западните држави на САД, а омилена дестинација ми е Њу Мексико.

Каде сѐ живееше во Америка досега? Кој град или држава ти остави најголем впечаток и зошто?

Дарко: Живеев во Канзас, Чикаго, а сега во Вилмингтон. Секој град и држава се со своја приказна. Чикаго, на пример, ти е поранешна Југославија, не ти треба англиски таму, сé е наше, барем јас така се чувствував додека бев таму – и затоа си заминав. Барав мир од озборување.

Дарко и Ото / Приватна архива

Некои знаат, некои не – се познавате од 2010 година, а во брак сте веќе една година. Раскажете ни, како вашето пријателство прерасна во љубовна врска, а потоа во запросување на Хаваи, за денес да сте во среќен брак?

Дарко: Можам само да се извинам, оти еднаш зборував јасно и гласно, дека другарство помеѓу машко и женско може да постои, извинете… 🙂 Со „бебо“ сум си свој, не мора да глумам, и тоа беше најголемата причина за да имаме среќен брак.

Даниела: Ние се знаеме веќе 12 години. Започнавме како познаници, па најдобри другари. Буквално, во секој момент бевме запознаени со сѐ што ни се случува во нашите животи, без разлика дали беа успеси или падови и без разлика дали тој беше во Македонија или Америка. Меѓутоа, мислам дека со неговото заминување на брод, па потоа во САД, нашата врска стана уште посилна. Кога ќе се вратеше бевме постојано заедно во Битола, Скопје, одевме заедно на патувања итн. Преку таа наша поврзаност сфативме дека тие чувства не се веќе пријателски, туку започна нешто друго, поинакво, и така започнавме љубовна врска. Искрено, од почеток знаевме дека ќе завршиме заедно. Се познававме долго време, знаевме како функционираме, па дури и сега во брак, се однесуваме како најдобри другари.

Даниела, бракот со Дарко те пресели во САД. Колку беше тешко да се напушти Македонија? Дали и пред бракот се гледаше себеси надвор од државата?

Даниела: Па искрено, никогаш не се гледав надвор од државата. Прво, поради тоа што сум многу поврзана со мојата фамилија, второ, пријателите кои ми сe сѐ во животот и трето, имав прекрасна работа. Работев од канцеларија со најдобрите колеги на светот, така што буквално ништо не ми фалеше. Ми беше тешко, да, затоа што првпат менувам држава на живеење и на толку голема далечина, но исто така, многу лесно се навикнав и прилагодив на сите тие промени. Нормално, тоа е така благодарение на Дарко, затоа што го знае системот. Ме водеше низ сѐ и веќе сѐ ми стана нормално. Се чувствувам како дома…

Дарко и Даниела / Приватна архива

Каде живеете сега? Како се промени вашиот живот во Америка, гледано од аспект на секојдневието, квалитет на живот? Кој ви беше најголем културолошки шок? Што е полошо, а што подобро во однос на животот во Македонија? Размислувате ли за преселба или среќни сте каде што сте во моментов?

Дарко: Најголем шок ми беше кога одев накај бензинска и буквално човекот пред мене ја држеше вратата, за јас прв да влезам. Си реков „ватафак“, тоа уствари ситеее така правеле овде, па почнав и јас. За селидба сум прв, секогаш, место не ме држи, градов го обожавам заради плажата, сé друго ми е веќе тесно, видено, мал е градов, ама чим бебо е среќна тука, тука ќе си седиме. Инаку, сакав да се преселиме во Флорида, но Иан дефинитивно ме убеди дека Флорида е само за туризам.

Даниела: Во моментов живееме Вилмингтон, Северна Каролина. Многу го засакав градов и воопшто не би сакала да се селам на друго место. Градот излегува на океан, фамилијарно е и е мало, пристапно место. Ние живееме во дел каде што имаме буквално сé околу нас, па можам со точак да одам каде и да посакам. Исто така, пријателите кои ни сѐ тука, ми станаа како фамилија. Вкупно сме 5 македонци кои се дружиме, си помагаме за сѐ во секое време и не можам да замислам да одам на друго место без нив. Од секојдневието кај мене, најмногу се промени тоа што не можам секој ден да шетам каде што сакам. На пример, во Македонија секој ден после работа бев со другарите, на Широк Сокак или на гости, постојано бев со луѓе. Едноставно, не знам да функционирам сама. Тука ја немам таа слобода затоа што сите работат, сите си имаат обврски и буквално се гледаш само за викенди. Најголем шок кога дојдов тука ми беше храната, особено лебот. Мислам дека кој и да ме праша го давам истиот одговор. Дарко е тип на човек кој сака да јаде СЕ’, а јас сум целосно спротивна од него во тој поглед. Научена сум да јадам 5 видови на јадења во неделата. Не знаев да готвам, лебот ми беше благ и сл. Но, сега научив да готвам, најдовме леб кој е како нашиот дома и веќе ни на таа тема не можам да се пожалам. 🙂

Дарко, Даниела и нивните пријатели / Приватна архива

Како е да се биде во брак со личност која е популарна на социјалните мрежи? Предизвикувачко ли е сознанието дека, освен тоа што на Дарко му пишуваат илјадници луѓе дневно, сега и ти си препознатлива на јавноста? Ти недостига ли анонимноста?

Даниела: На оваа тема ми се плаче, најискрено (се смее). За сите вас, тој можеби е Дарко влогс, но за мене си е само Дарко и воопшто не го гледам како популарна личност. Дури и имам расправии по тоа прашање (повторно се смее). Јас воопшто не сум и не сакам да бидам дел од таа популарност, затоа и внимаваме Дарко да не ме вклучува многу често. Но, нормално дека понекогаш морам да сум присутна на неговиот профил 🙂

Неретко гледаме ваши заеднички креативни содржини, колку и како си вклучена во ангажманот на Дарко на Инстаграм?

Даниела: Кога се појавија т.н „рилс“ (reels), кога налетувавме на нешто интересно, сакавме да пробаме да направиме и ние. Не сум човек кој поминува цел ден на инстаграм, меѓутоа ако забележам нешто интересно, секогаш го споделувам со Дарко и заедно го испробуваме. А сама, да имам идеја за нешто, никогаш 🙂

Која е твојата примарна професија? Кои се твоите хоби и интереси и како го минуваш слободното време? Дали можеби размислуваш за инфлуенсерство, засебно од @darkovlogs?

Даниела: Мојата примарна професија е човечки ресурси во компанијата „Native Teams“. Тука работам веќе 5 год, уште пред да дојдам во Америка. Среќа што имав можност да продолжам со работата и од тука. Надвор од неа, секојдневие ми е комуницирањето со фамилијата и пријателите на телефон со часови, и секојдневно возење велосипед со Ото. Никогаш не сум размислувала за инфлуенсерство, не мислам дека би била добра во таа работа, така да дефинитивно ќе ја оставам таа професија на Дарко и останатите инфлуенсери.

Дарко и Ото / Приватна архива

Од неодамна, вашето секојдневие е поубаво поради Ото. Каков е животот со маче?

Дарко: Лудница. Особено кога трчаат двајцата по скалите и се треси цела куќа (се смее). Зборувам за „бебо“ нормално, да ги видите само кога играат криенка со Ото. Мислев дека ќе ми пречат неговите влакна кои се насекаде, но неговата позитивна енергија е толку огромна, што влакната повеќе не ги ни забележувам.

Даниела: Јас сум личност која отсекогаш сакала животни. Кога бевме мали со сестра ми секогаш наоѓавме мачки на улица и ги земавме дома. Мислам дека и љубовта кон нив ми е најмногу поради неа. Своевремено имавме над 10 мачки дома. Поради таа ситуација, нашите родители ни ставија вето на вдомување животни од улица (се смее). А, Дарко пак, кога бил мал велел дека кога ќе пораснe сака да е доктор за мачки. Со Ото сега, животот ни е целосно променет. Опседнати сме со него. Во ниту еден момент не сме зажалиле што е со нас, затоа што ни го исполнува секој ден. Одиме со него на плажа, на шопинг, на патувања, возиме точак заедно… буквално сѐ. Исто, Ото игра само кога ние играме со него, така што имаме занимација по дома.

Дарко, што има ново на твојот инстаграм профил?

Како што се менува технологијата, така се менува и дигиталниот свет, особено социјалните мрежи. Инстаграм е во тек со настаните и на нивната платформа ги имплементираат новитетите, па така и јас ги следам нивните чекори. Последен новитет на мојот профил е Колаборацијата, каде давам шанса за видливост на сите македонски дигитални артисти, исто така нивниот труд да биде платен од страна на инстаграм. Јас, како креатор на платформата добивам месечен пакет од 8500 долари, но заради приватниот живот и обврските, немам време да креирам доволно содржини, како би ги зел тие пари. Откако сфатив дека колаборацијата е дозволена, полето реелс го препуштам на сите креативни луѓе, да пробаат да бидат вирални и да бидат соодветно исплатени. Останува да видиме колку се креативни нинџите и да ги подржуваме со допаѓање и заследување, за да ги мотивираме повеќе, да продолжат да снимаат автентични, хумористични и едукативни видеа. Да ја презентираме Македонија во вистинското светло, дека вредиме, а не да не асоцираат по лажните вести.

Кои се ваши омилени инстаграм-профили за следење (од Македонија и светот)?

Дарко: Од Македонија, @modernizam.i.renesansa, @stnikolovski и @dea.education ми се омилените профили моментално, го кренаа инстаграмџиството на ново ниво. Од светот: @influencersinthewild, @memezar и @wildkarens.

Даниела: Од Македонија @aleksandrashijakoska ми е секогаш број 1,  не пораади тоа што ми е другарка, туку дека е една од најискрените и најдобрите личности кои ги познавам, приватно и на инстаграм. @martinascookingg е мојата „go-to-person“ за моите омилени рецепти, мислам дека нема некој повеќе што ја малтретира од мене на дневно ниво. Ако некогаш бидам готвач како што треба тоа ќе е само поради неа. Од светот, @theellenshow ја следам веќе со години, навистина ми е забавна и отсекогаш ми било желба да ѝ бидам во шоуто (дури  ѝ испраќав е-пошта). Штета што нема да има нови сезони. Тука е и @maluma – мојот, засекогаш најомилен пејач, лик и се на светов.

За крај, што би и’ порачале на македонската јавност?

Дарко: Нинџите никогаш не спијат, нинџите само одмараат.

Даниела: Да сте секогаш насмеани, да се чувате и да си вдомите маче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот