Разговор со актерката Дарја Ризова: Верувам во идеалот за создавање поубав и похуман свет

Дарја Ризова со признанието „Успешни млади“

Актерката Дарја Ризова од Македонскиот народен театар е меѓу добитниците на признанието „Успешни млади“ во категоријата „Најдобар млад уметник“ за 2022 година, а признанието ѝ беше врачено од претседателот Стево Пендаровски.

Признанието „Успешни млади“ се доделува по четврти пат за резултати постигнати во изминатата календарска година. Во своето обраќање на церемонијата, претседателот Стево Пендаровски истакнал дека носителите на признанието се позитивен пример за нивните врсници, но и за сегашните и идните генерации.

– Тие треба да бидат и да останат нашиот модел според кој новите генерации ќе се однесуваат и ќе создаваат вредности. Нивниот пример на посветеност и вложување на своето време и својот труд во себеси, како единствен пат до успехот, треба да биде пример и за повозрасните наши граѓани – истакнал претседателот Пендаровски.

Значаен придонес во афирмацијата на македонското театарско творештво, како во земјата така и во странство, има актерката Дарја Ризова, која во изминатиот период доби повеќе театарски награди, а на својата матична сцена игра во речиси сите поголеми претстави на репертоарот на МНТ. Возбудата со која настапува на сцената таа ја почувствувала и при добивањето на признанието во претседателската палата.

Признанието на Дарја Ризова ѝ беше врачено од претседателот Стево Пендаровски

Во текот на минатата година доби повеќе театарски награди за улога во претстава, но сега доби признание што има поширока општествена димензија. Како го почувствува моментот на добивање на признанието „Успешни млади“?

– Фактот што наградата доаѓа од претседателот на државата, самиот по себе укажува дека станува збор за нешто многу значајно и многу големо, бидејќи на личен план такво нешто ретко се случува. Целта на признанието „Успешни млади“ е да се привлечат младите да останат во нашата држава, бидејќи и тука има надеж и им се дава поддршка за тоа што го работат. Вообичаено како млади се сметаат луѓето до 35 години, а јас годинава влегов во 36-тата година од животот и признанието го почувствував како некаков пресек, како заокружување на една етапа од животот, како „јаготка на шлагот од тортата“.

Во текот на минатата година навистина ми се случија и многу учества на фестивали и многу театарски награди, а со оваа награда како да се заокружи тој прекрасен период. Дополнително, со оваа награда добивам признание од нашата земја, од таму од каде што потекнувам и од каде што ми се корените, а со тоа се вреднуваат и моите труд, посветеност и верба во тоа што го работам.

На чинот на врачување на наградата, имаше можност да се обратиш пред присутните. Што имаше во твојата порака?

– Таму се заблагодарив на претседателот на комисијата што одлучувала за наградите, а кажав и дека ми е чест и привилегија да бидам во друштво со прекрасни млади умови кои се посветени и инвентивни. Тие луѓе се светлината на нашата иднина, а додека има такви луѓе ќе има и надеж. Се заблагодарив и на моето семејство, бидејќи отсекогаш сум сакала да бидам глумица затоа што тетка ми од мала ме носеше во театар, ме носеше на претстави во МНТ, а сега сум вработена во МНТ. Моето семејство отсекогаш беше мојата поткрепа навистина да се запишам на глума и да одберам професија која навистина многу ќе ја сакам и само на тој начин ќе бидам вистински инспиративна, духовно исполнета и задоволна со тоа што го работам.

На присутните им открив и дека награда ја посветувам на човекот што уште во раното мое детство ги всади во мене моралните и етичките вредности. Човекот што ме научи чекањето секогаш да го заменам со храброст да дејствувам и наместо пасивен посматрач, да верувам во идеалот за создавање поубав и похуман свет. Наградата ја посветив на мојот дедо Благоја Силјаноски Ѓурак.

Признанието го почувствував како некаков пресек, како заокружување на една етапа од животот

Во целата среќа на слободен избор, сепак се одлучи за една навистина тешка професија. Како се справуваш со тежината на актерската работа, имајќи предвид дека веќе имаш остварено улоги во големи претстави со значајни режисери?

– Актерството навистина е една од најтешките професии. Работата нема некој постојан облик, туку цело време треба да се надградуваш, да работиш и да работиш, а тоа нема крај. Особено кога ќе направиш повеќе големи улоги и ќе добиеш повеќе награди, тогаш одговорноста е уште поголема, очекувањата се уште поголеми и од публиката, но и од личниот процес на креирање на ликовите. Секој процес на влегување во нов лик е почеток одново, како повторно да одиш во прво одделение, а сето тоа бара голема жртва.

Процес што можам да го издвојам беше работата со режисерот Андриј Жолдак. Тоа беше во периодот кога се вработив во МНТ и за мене претставуваше како втора школа, не само на професионален, туку и на приватен план, кога требаше да созреам, да видам до каде сум, до каде допираат моите можности, да поместам некои граници и да отворам некои нешта внатре во себе, да се ослободам и да се исчистам. Тоа што ми се случи со Жолдак беше едно големо „цимање“ што ми даде некакво ослободување и верба да можам стопроцентно да влетам во секој процес и да пробам сѐ. Така добив необична енергија. Тој е таков човек што дава многу енергија, а јас како актер ја примив таа енергија и многу сум му благодарна за таквиот процес на работа. Станува збор за ликот Електра, кој го подготвував кога имав 26 години и кој, на некој начин, беше пресвртница и во мојот професионален и во мојот приватен живот.

Во различни претстави и со различни режисери добиваш улоги на жени кои носат чиста мисла и искрена емоција. Како успеваш таквите емоции да ги извадиш од себе и да ги изнесеш на сцената?

– Како и секој актер, тргнуваш од себе, копаш длабоко во себе. Често подготовката на нов лик е еден вид психотерапија и се обидуваш емоциите да ги откриеш во себе. Ако го нема тоа што го бараш, тогаш се потпираш на фантазијата и се обидуваш „да влезеш во туѓи чевли“. Некогаш се потпирам и на интуицијата, но многу тешко е да се објасни со зборови како се креира еден драмски лик. Едноставно, или го имаш или го немаш чувството во себе. Ако го имаш треба да го почувствуваш и да го извадиш од себе.

Секој актер си има свој начин и свој метод на анализа на ликот што треба да го игра, а во однос на емоцијата – или ја имаш или ја немаш. Ми се има случувано после претстава да не можам да се смирам од возбуда и да ми треба подолго време да си дојдам во себе. Веројатно во себе носам премногу емоции и затоа го спомнав Жолдак, бидејќи тој ми помогна како да најдам начин да ги искажам во секоја улога што ја играм.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 207, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3.12.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот