Расте на бројот на кривични дела извршени со компјутерски криминал, УНДП и МВР преку проект ќе се борат против насилството на интернет

Фото: Aрхива

Секторот за компјутерски криминал во МВР регистрира раст на бројот на кривични дела извршени со компјутерски криминал, а интернетот се почесто се злоупотребува како место за сексуално вознемирување и демнење, најчесто преку навреди, закани, уцени со компромитирачки материјали насочени кон деца, поранешни партнери и припадници на ЛГБТ заедницата.

Од таа причина, во наредните 18 месеци, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со МВР ќе ја спроведат активност во борбата против сексуалното и родово-базирано насилство на интернет. Особен фокус, како што соопштија од УНДП, ќе се стави на заштита на жените, со оглед на тоа што глобалните истражувања покажуваат дека жените имаат 27 пати поголем ризик да бидат вознемирувани на интернет во споредба со мажите.

МВР активно работи на превенција и борба против сите видови компјутерски криминал. Од годинава делата демнење и полово вознемирување се додадени во Кривичниот законик што го проширува нашиот делокруг на работење и нѝ овозможува дополнително да се насочиме кон спречување на ваквите дејствија. Проектот кој ќе го имплементираме со УНДП е особено значаен за да ги зголемиме капацитетите на полициските службеници на сите нивоа, особено на знаењата и вештините кои се неопходни при обезбедување докази и успешно гонење на извршителите на компјутерски криминал – изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Постојниот претставник на УНДП, Армен Григорјан истакна дека иако дигитализацијата носи многу предности, таа отвора простор и за бројни злоупотреби.

Станува збор за сериозен проблем со кој се соочуваат сите земји на глобално ниво. Токму заради тоа одлучивме да го искористиме искуството на Република Кореја, и нивните позитивни практики и знаења да ги пренесеме во Северна Македонија – вели Григорјан.

Проектот вклучува низа активности, а прво ќе се спровре компаративна анализа на законодавството кое ја регулира оваа проблематика. Од УНДП најавија дека потоа ќе ги зајакнат капацитетите на полицијата за превенција на сексуална експлоатација и вознемирување на интернет, преку тренинзи кои ќе ги држат претставници на Националната полициска агенција на Република Кореја. Во рамки на проектот ќе се спроведе и кампања за едукација и зголемување на свесноста на граѓаните за сексуално и родово – базирано насилство на интернет, со акцент на личната заштита и вештините за препознавање на сторителите на овој вид криминал.

Проектот „Сузбивање на сексуално и родово-базирано насилство во дигиталната сфера“, УНДП го спроведува со финансиска поддршка на Министерството за надворешни работи на Република Кореја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот