Рамчиловиќ реагира: Димитриевски славеше Свети Сава со босански претставници, а без знаме на БиХ

Зеќир Рамчиловиќ, независен пратеник / Утрински брифинг

Зеќир Рамчиловиќ, пратеник и претседател на групата за пријателство помеѓу парламентите на Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина, испрати отворено писмо и реакција до градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, поради тоа што на прославата на денот на Свети Сава, на која присуствуваа претставници на Република Српска, не било истакнато знамето на Босна и Херцеговина.

Еве го во целост писмото на Рамчиловиќ до Димитриевски:

„На ден 27.01.2022., се одржа средба по повод празникот на граѓаните од српската заедница во Северна Македонија „27 јануари – Свети Сава” помеѓу претседателката на ентитетот на Република Српска – Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ и градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитријевски.

На средбата, освен споменатите присуствуваа и амбасадорот на Босна и Херцеговина во Република Северна Македонија, Н.Е., Драган Јаќимовиќ, како и пратениците од српската заедница во Собранието на РСМ, Иван Стоиљковиќ и Мирослав Јовановиќ и други јавни личности. За поздравување е секоја средба со која се отваараат можности за зближување и соработка помеѓу народите и државите во регионот. Но, при ваква средба е направено грубо кршење и непочитување на територијалниот интегритет и суверенитет на една држава од страна на Општина Куманово и нејзиниот градоначалник Димитриевски.

На средба од меѓународен карактер задолжителна е употреба на знамето на државата од која доаѓа високиот гостин, во случајот задолжителна е употреба на државното знаме на Босна и Херцеговина. Што во овој случај не беше направено, туку се користеше знаме на еден нераскинлив дел од Босна и Херцеговина. Знамето на Босна и Херцеговина е симбол со кој се претставува државноста на меѓународни средби и ваквите пропусти и грешки, намерни или ненамерни не смеат да се случуваат.

Особено во ова време во кое се позачестени се сецесионистичките намери на дел од власта и политичарите на Србите од Босна и Херцеговина кои можат да доведат до катастрофлни последици. Со ваков чин од страна на Општина Куманово се нанесува штета врз добрите и пријателските односи помеѓу Босна и Херцеговина и Северна Македонија, иако нашата држава во секој поглед го подржува и го смета за неприкосновен територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина.

На средбата кај Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски не се случија вакви пропусти, при што согласно протоколите се користеше државното знаме на Босна и Херцеговина согласно државата од која доаѓа високата делегација. Поради тоа, како пратеник и претседател на групата за пријателство помеѓу парламентите на Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина барам од Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски јавно извинување до сите граѓани на нашата држава, особено до сите граѓани чија матична држава е Босна и Херцеговина.

Исто така, недопустиво е да амбасадорот на Босна и Херцеговина присуствува на една ваква средба во која се негира државата која што го поставила за амбасадор и очекувам од него да се огради од вакво грубо непочитување на Босна и Херцеговина. Верувам дека и другите присутни поради ваквиот пропуст како што се пратениците Јовановиќ и Стољковиќ и други се чувствувале непријатно“, вели Рамчиловиќ во отвореното писмо до кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот