
Првата утринска цигара може да биде фатална: Ако ја запалите 30 минути откако ќе се разбудите, во опасност сте
Без разлика колку долго пушите или колку цигари пушите секој ден, лекарите утврдиле дека првата цигара наутро е најопасна и ако ја запалите во рок од 30 минути по будењето, ризикот од рак на белите дробови или грлото драстично се зголемува.
Препорачано
Едно големо истражување на Универзитетот Пен Стејт покажа дека повеќе од 63 отсто од пушачите ја палат првата цигара во рок од 30 минути по будењето. А тоа, наведуваат експертите, може да биде фатално, бидејќи ризикот од рак на белите дробови или грлото се зголемува за дури 59 отсто во споредба со пушачите кои ја палат првата цигара подоцна по будењето.
– Утврдивме дека ако некој запали цигара веднаш по будењето, тој има повисоко ниво на ННАЛ (NNAL), метаболит на канцерогениот ННК (NNK), во крвта во споредба со другите пушачи – вели професорот Стивен Бранштетер, еден од авторите на студијата во која учествувале 1.850 субјекти.
– Веруваме дека луѓето кои палат цигара веднаш по будењето го вовлекуваат чадот многу подлабоко, што може да го објасни повисокото ниво на ННАЛ во крвта. Тоа значи дека тоа би можело да биде многу важен фактор во идентификацијата на високоризичните пушачи – напоменува Бранштетер.
Тој напоменува дека нивото на ННАЛ било поврзано со возраста на луѓето, возраста на која почнале да пушат, полот и дали во семејството имало други пушачи.
Колку ситуацијата е загрижувачка, најдобро покажува податокот дека само 19 отсто од анкетираните изјавиле дека првата цигара ја палат повеќе од еден час по будењето, пишува psu.edu.