Прва заедничка седница на македонската и на косовската влада: Потпишани 11 договори, потврдени добрите односи

Фото: МИА

Владата на Република Северна Македонија и Владата на Косово потпишаа 11 договори од билатералната соработка на заедничката меѓувладина седница што се одржа завчера во Скопје. Двајцата премиери Зоран Заев и Албин Курти искажаа високи оценки за односите меѓу двете земји на заедничката прес-конференција што се одржа по седницата.

– Со години наназад нашите држави развиваат одлични билатерални односи и успешна соработка водена од принципите на меѓусебна поддршка и почитување. Секое унапредување на односите меѓу соседите, носи стабилност и просперитет за целиот регион и токму затоа даваме целосна поддршка на дијалогот меѓу Србија и Косово воден од ЕУ и ќе поддржиме решение што е прифатливо за двете страни – изјави премиерот Заев.

За Северна Македонија, истакна Заев, Косово е еден од најзначајните трговски партнери.

– Трговската размена меѓу нашите земји се одвива слободно без царини, во согласност со договорот ЦЕФТА и Договорот за економска соработка – подвлече Заев.

Премиерот на Косово Албин Курти рече дека иднината на Косово и на целиот регион е во ЕУ. Тој истакна дека договорите потпишани меѓу двете влади не може да се прекршат со неучеството на Косово во иницијативата „Отворен Балкан“.

– Сакаме што повеќе соработка и договор и нивна имплементација од билатерален аспект, а средбата на двете влади е доказ за тоа. Гледаме кон иднината, а тоа е интеграција во Европската Унија. Ние ги поддржуваме сите регионални иницијативи што доаѓаат од ЕУ. Сите денешни договори не можат да се прекршат во имплементацијата и покрај разликите што може да ги имаме – рече Курти.

Во пакетот потпишани договори се: договорот за спојување на двата автопати и граничниот премин Блаце-Јанковиќ во рамките на изградбата на автопатската делница Скопје – Блаце, договорот за физибилити-студија за патот Тетово – Призрен, договорот за воспоставување заеднички гранични премини, како и договорот за заеднички скијачки проект што ќе ја поврзува Брезовица со Попова Шапка, кој воедно е и дел од соработката во областа на туризмот.

Се предвидува и поддршка и соработка во меѓугранични проекти со поддршка на програмите ИПА на Европската Унија, соработка на полето на енергетиката, како и на планот на културата и унапредување на заедничките иницијативи во иновациите и во технолошкиот развој.

Во својство на организатор на заедничката седница помеѓу Владите на Република Северна Македонија и Република Косово, првиот вицепремиер Артан Груби изрази големо задоволство.

– Денес направивме историја и го реализиравме првиот меѓувладин состанок помеѓу нашите земји, кој беше долгогодишна цел. Денес ја продлабочивме соработката и понатаму за да го олесниме и да го подобриме животот на нашите граѓани. Граници помеѓу нас не треба да има и соработката меѓу нас не треба да има граници – истакна Груби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот