Прославува и Европската Унија: Младите Полјаци ѝ ставија крај на ерата на Качински и популистите

Доналд Туск веројатно ќе биде нов премиер - Фотографија ЕПА, Пјотр Новак

Владејачката популистичка партија освои најмногу гласови, но неочекувано високиот одѕив на младите луѓе отвори можност идната влада на Полска да ја води поранешниот претседател на Европската комисија Доналд Туск

Популистичката партија Право и правда освои најмногу гласови на парламентарните избори во неделата, но нема да можe да ја формира и третата влада во низа.
Прославуваа центристичката опозиција на чело со поранешниот премиер Доналд Туск, но и Брисел, кој во изминатите осум години речиси постојано ги критикуваше властите во Варшава дека ги уриваат демократските стандарди.

– Ова е крај на злите времиња, ова е крај на владеењето на ПИС. Успеавме. Освоивме демократија, освоивме слобода, ја освоивме нашата слободна сакана Полска. Ова во историјата ќе се памети како светол ден, како преродба на Полска – порача Туск.

Клучен за изборите, опишани како најважните во Полска по отфрлањето на комунистичкиот режим, беше масовниот одѕив на гласачите. Никогаш досега на изборите не излегле 72,9 отсто од електоратот, што се одрази на резултатите. Според неофицијални извори, Право и правда (ПИС) освоила 36,6 отсто од гласовите што ѝ носи околу 198 места во Парламентот, дури 33 помалку од потребните за мнозинство. Уште повеќе потфрли и очекуваниот партнер на популистите, екстремната десничарска партија, која освои само 14 пратенички места.

Многу поблизу до обезбедување мнозинство е опозициската Граѓанска коалиција на Туск, која освои 31 отсто од гласовите, но заедно со своите партнери – центристичките Трет пат (кој освои 13,5 отсто од гласовите) и Нова левица (8,6 отсто) – може да се надева на 248 пратенички места, 17 повеќе од потребните за мнозинство.
Опозицискиот блок освои многу повеќе гласови отколку што предвидуваа анкетите поради големиот одѕив на помладите избирачи, на возраст меѓу 18 и 29 години, и неочекувано слабата излезност на пензионерите, кои се главната база на популистите.

Охрабрување за Брисел

Брисел, пак, ја прославува победата на проевропските центристи на веројатно најважните избори во Унијата во оваа година. Пред само две недели во Словачка победи партијата на прорускиот поранешен премиер Роберт Фицо, но Варшава има многу поголемо влијание и во Европа и во регионот. За Брисел е огромна разлика дали во Варшава и понатаму ќе владејат популистите, кои упаднаа во судството, ги нарушија владеењето на правото и слободата на медиумите и ги оспоруваа европските политики за миграцијата, или владата ќе ја води поранешниот претседател на Европската комисија.

Доналд Туск најави „почеток на новата ера“ и очекува прв да го добие мандатот за составување влада, иако Граѓанската коалиција освои помалку гласови од Право и правда.

– Бараме од претседателот (Анджеј Дуда) да му го даде мандатот на демократскиот блок. Природниот кандидат за премиер е Доналд Туск – изјави пратеникот од Граѓанскиот блок Цезари Томчик.

Но, Дуда е политички поблизок до Право и правда, поради што може да му го даде мандатот на актуелниот премиер Матеуш Моравјецки да состави нов кабинет. Моравјецки тешко дека ќе привлече други партии во коалицијата, покрај екстремната десничарска Конфедерација, што би значело само одолговлечување официјалната промена на власта со недели, па и со месеци.

Дуда веќе најави дека нема да ја прекрши традицијата и ќе ѝ даде шанса на партијата што освоила најмногу гласови.

– Уште од деведесетите, претседателите по традиција им ја даваат мисијата за формирање нова влада на лидерите на партиите што победиле на изборите. Очигледно ми е дека претседателот Анджеј Дуда ќе ѝ ја довери оваа мисија на Право и правда – вели Јоахим Бруѕињски, лидер на кампањата на ПИС.

Младите чекале со часови за да гласаат

Бруѕирски најави дека неговата партија ќе разговара со Партијата на полските пензионери (ПСЛ), кои се вклучени во блокот Трет пат, но лидерот на ПСЛ отфрли каква било соработка.

– Отфрлам таква коалиција. Луѓето гласаа за промени, за отстранување на ПИС од моќта – изјави лидерот на Партијата на полските пензионери Владислав Косинјак-Камиш.

Лидерот на ПИС, Јарослав Качински, пак, не е толку голем оптимист. На состанокот на партискиот врв по објавувањето на резултатите, 74-годишниот поранешен премиер ја спомнал и можноста за дејствување во опозиција.

– Мора да се надеваме дека нашиот проект ќе продолжи без оглед дали ќе бидеме на власт или во опозиција. Нема да дозволиме Полска да го загуби правото да решава за сопствената судбина – изјавил Качински на партискиот состанок.

Резултатите ги охрабрија инвеститорите. Индексот на полската берза се крена за 4,1 отсто, а вредноста на злотата зајакна за 1 процент.

Луѓе и по шест часа чекале во долги колони за да гласаат – Фотографија ЕПА, Лукаш Гагуљски

Охрабрени се и младите и либералите, кои во изминатите осум години често пати организираа демонстрации против конзервативните мерки на владите – претворањето на јавната телевизија во пропаганден мегафон на владата, ограничувањата на абортусот или демонизирање на мигрантите, бегалците и припадниците на ЛГБТ заедницата.

Младите двојки на гласање доаѓале со децата, па и со милениците, и трпеливо чекале во долгите колони, дури и со часови. На избирачко место во Вроцлав мештаните им носеле чај, храна и ќебиња на долгата колона млади луѓе што се построиле да гласаат. На некои места кутиите биле затворени дури во 3 часот следниот ден, додека не гласале сите што биле во колоната.

Паралелно со парламентарните избори се одржал и референдум, со четири прашања формулирани со цел да се анимираат традиционалните симпатизери на ПИС, како: „Дали сте за да прифатиме илјадници илегални имигранти од Блискиот Исток и од Африка?“.

Полска пред најбитните избори во поновата историја

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот