Проблем без решение: Карпош 1 „окупиран“ од возила, паркиралиште стана и тротоарот крај градинката „Распеана младост“

Фото: Слободен печат

Паркирањето во населбата Карпош 1 е повеќегодишен „кошмар“ за неговите жители, каде и покрај ветувањето на повеќе градоначалници, досега не се најде никакво решение со кое граѓаните не би минувале низ секојдневните нервози како досега – да вртат низ населбата во потрага по слободно паркинг-место.

Во Карпош 1 повеќе нема слободен тротоар по кој би се движеле граѓаните, сѐ е зафатено со автомобили. Во потрага по слободно место секој се паркира каде ќе стигне. Многупати, тоа предизвикува и меѓусоседски кавги, кога некои од жителите се обидуваат да си зачуваат место со поставување канти, стари гуми и слично.

Најголем проблем е тоа што во соседната општина Центар, од која Карпош 1 го дели улицата Рузвелтова, нема простор за паркирање, ниту со плаќање, затоа што на улиците во тој дел е дозволено да се оставаат само возилата на резидентите. Па, така, сите што одат на гости или на прошетки во Центар или кои работат таму, возилата ги оставаат во населбата.

Многуте ветувања од градоначалниците досега останаа неисполнети. Се ветуваше сѐ и сешто, од монтажни гаражи, до рампи и зонско паркирање, но од тоа карпошани не добија ништо. Полицијата никогаш не поминува по уличките на населбата, а и зошто тоа би го правела кога и вработените од полициската станица во Карпош приватните возила си ги паркираат по тротоарите, улиците и на паркинзите пред зградите наменети за автомобилите на тамошните жители.

Од неодамна се создаде уште една лоша навика на која реагираат граѓаните, автомобили се паркираат веднаш до оградата на градинката „Распеана младост“ со што се попречува безбедното движење на учениците до блиското училиште.

Неколкупати се јавувавме во општината, баравме да се ослободат тротоарите пред градинката за децата да можат нормално да одат на училиште, да се постават столпчиња за да не може таму да се паркира, но залудно. Никој не реагира. Ова што се случува во Карпош со паркирањето е нешто несфатливо, толку години да не се најде никакво решение – се пожали жителка на Карпош 1.

Фото: Слободен печат

Од Општина Карпош велат дека на тој простор не можат да се постават столпчиња.

Поставувањето столпчиња на делот од улицата што ја наведувате не е дозволено и тоа не може да биде решение, бидејќи улицата е тесна и со тоа може да се предизвикаат проблеми во одвивање на сообраќајот. Доколку постои проблем со непрописно паркирани возила што ја блокираат улицата, граѓаните може да пријават во локалната полициска станица која е во непосредна близина на посочената локација или со пријавување во пајак-службата на Град Скопје. Ние како Општина Карпош ќе побараме од полициската станица Карпош да се обрне поголемо внимание на овој потег, со цел да се спречи подолго задржување на возила – објаснуваат од Карпош.

Паркирањето во овој дел од населбата, како што повеќепати најавуваа и ексградоначалникот Стефан Богоев и актуелниот Стевчо Јакимовски, требаше да го регулира ЈП „Градски паркинг“.

Во Програмата за инвестиции на ЈП „Градски паркинг“ за 2023 година, која беше донесена од советниците во градскиот совет уште пред шест месеци, се наведува дека во Општина Карпош најпрво ќе се воведува зонско паркирање во Карпош 1, Карпош 2, кај Млечен ресторан, Економија, а потоа и во другиот дел од општината.

Во Карпош во согласност со направените анализи на терен и потребите на жителите од овој дел на градот, во план е да се преуредат одредени јавни површини, со што ќе се оспособат за организирање на сообраќајот во мирување – се вели во програмата.

До крајот на годината останаа уште три месеци, а нема никакво навестување дека ќе се реализира зацртаното во програмата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот