фото: mztskopjeaerodrom.mk

Приоритет на МЗТ е враќање во АБА лигата и одбраната на трите домашни трофеи

Дојде време за почеток на новата сезона и тоа со пресметка во вторник на домашен терен против Теодо (18 часот), прв меч од кошаркарската АБА 2 лига кој МЗТ Скопје Аеродром ќе го одигра во СЦ „Јане Сандански“ уште од светската пандемија со коронавирусот.

На прес-конференција актуелниот македонски шампион ги искажа своите очекувања и амбиции кои се екстремно високи. Најави давање приоритет на враќањето во елитната јадранска конкуренција, за што ќе му треба да биде најдобар во второлигашката конкуренција. Истовремено, потенцира дека е решен да направи сѐ за да ги одбрани трите трофеи на домашна сцена, почнувајќи од Суперкупот кој ќе го одигра в сабота (28 септември) против Пелистер.

– Зад нас е мирно лето, во кое си ги исполнивме сите желби околу играчкиот кадар. Амбициите на клубот се исти како и секоја година, со тоа што оваа сезона ќе дадеме поголем фокус на враќањето во АБА лигата. На домашна сцена, пак, сме главен претендент за освојување на сите трофеи. Како клуб доволен мотив и показател дека сме во правилна насока ни е продолжувањето на соработката со сите наши помагатели од претходната година – изјави извршниот директор на клубот, Филип Ѓоревски.

Слични беа размислувањата и на тренерот на екипата, Васко Атанасов:

– Зад нас е еден добар преоден рок во кој го задржавме костурот на тимот и додадовме добри кошаркари кои ќе ни бидат од голема помош. Како тренер ми беа исполнети сите мои барања за играчкиот кадар. Нашата цел е да ги одбраниме трите трофеи во макбаскетот, но и да го нападнеме четвртиот и да се вратиме во АБА со што верувам би ги задоволиле сите наши навивачи – рече Атанасов.

Капитен на тимот и оваа сезона ќе биде Дамјан Стојановски, кој повеќе од една деценија го носи сино-белиот дрес на МЗТ.

– Сакам да изразам благодарност што и оваа сезона ќе ја почнам како капитен на МЗТ Скопје. Имавме добар подготвителен период, одигравме доволен број на натпревари и подготвени го дочекуваме стартот на обврските во АБА2. Мислам дека оваа екипа има квалитет за влез во јадранската елита, но мораме да одиме чекор по чекор и со помош на нашите навивачи да го вратиме МЗТ каде што му е местото – се зборовите на Стојановски.

Стручниот штаб летово ги задржа браќата Дамјан и Војдан Стојановски, Бојан Крстевски, Андреј Андоноски, Марин Петков, Марко Миловановиќ и Марко Баковиќ, а ги ангажираше Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Милош Копривица, Брандон Слај и Дион Едвин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот