Принцот Хари / Фото: EPA-EFE/ANDY RAIN

Принцот Хари упати бројни обвинувања кон кралското семејство и порача: Мојата совест е чиста

Принцот Хари го посети Киев пред неколку дена, а потоа, во интервју за „Гардијан“, се осврна на своите мемоари „Резервни“, во кои јавно упати бројни обвинувања за поединечни членови на кралското семејство, пренесува „Њујорк пост“.

– Не верувам дека јавно ги објавив моите валкани алишта. Тоа беше тешка порака, но го направив тоа на најдобар можен начин. Мојата совест е чиста – рече војводата од Сасекс, кој се пензионираше од кралските должности со сопругата Меган Маркл пред пет години.

Неговите коментари дојдоа само неколку дена по кратката средба со неговиот татко, кралот Чарлс, прва по повеќе од една година. Тоа беше првпат тие да се сретнат од февруари 2024 година. Принцот, кој се појави со сопругата во серијата на Нетфликс од 2022 година „Хари и Меган“, зборуваше и за неговата претстојна правна постапка против издавачот на „Дејли меил“, „Асошиејтед њузпејперс“, во Високиот суд во Лондон. Тој ги тужи поради обвинувања за хакирање телефони и друго незаконско собирање информации. „Асошиејтед њузпејперс“ ги негираше тврдењата дека хакирал телефони, нарекувајќи ги „апсурдна клевета“.

„Не станува збор за одмазда, туку за одговорност“, рече принцот, кој сега живее во САД, но се врати во Велика Британија минатата недела за да присуствува на серија настани поврзани со каузи што ги поддржува. Нагласувајќи ја својата „љубов“ кон Велика Британија, тој посочи дека би сакал да се врати дома за почесто да го гледа своето семејство. Тој нагласи дека иако се чувствува „уништено од одредени членови на британскиот печат“, сепак чувствува голема љубов од британската јавност. Во јануари, издавачот на весникот „Сан“ се согласи да плати „значајна отштета“ и му се извини во спогодбата со него во долготрајната правна битка околу тврдењата за незаконско мешање во неговиот живот. Тој изјави за „Гардијан“ дека некои настани во текот на изминатите четири години биле „ многу стресни“ и дека „открил одредени работи што навистина, навистина го повредиле“.

Тој додаде дека за следната година „фокусот навистина мора да биде на мојот татко“. Да потсетиме, кралот Чарлс минатата година објави дека му е дијагностициран рак и дека е на лекување и закрепнување. Целта на посетата на принцот Хари на украинската престолнина беше да ја промовира работата на неговата фондација „Инвиктус гејмс“.

– Никој не треба да се чувствува засрамено или срамно од својот хендикеп. Станува збор за премин од сочувство кон восхит и почит – нагласи тој за време на престојот во Украина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот