Фото: Приватна архива

Превкусен рецепт на Стефанија Несторовска: Мафини со блитва и маслинки

Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот snestorovskaa, за денеска ни приготви здрави и необично вкусни мафини, идеални за појадок, ужина или за вечера.

Состојки:

– 180 грама (2 шолји) овес, ситен
– 1 лажичка сол
– 1 лажичка прашок за печиво
– 120 мл (1/2 шолји) јогурт**
– 2 јајца
– 3 лажици масло (јас користев маслиново масло)
– 1-2 снопчиња блитва
– една шака сецкани маслинки
– сусам и сончоглед за топинг, по желба

Фото: Приватна архива

Начин на подготовка:

Се загрева рерната на 180 степени, се подготвуваат калапи за мафини. Јас користев силиконски калапи, најубави ми се за користење и најлесно се вадат мафините после печење. Ако користите силиконски – нема потреба да ги мачкате со масло претходно. Ако користите тава за мафини тогаш ќе биде потребно убаво да се премачка.

Во голем длабок сад се додаваат овесот, солта и прашокот за печиво. Се промешува.

На смесата се додаваат и останатите течни состојки (освен маслинките и блитвата). Се промешува.

Блитвата се сечка на ситни лентички и се додава на смесата заедно со маслинките. Се промешува само колку да се изедначат низ смесата.

Ако е потребно додадете повеќе јогурт. Смесата треба да биде доста густа, но лесно да се додава во калапите. Додадете ја пишаната количина па потоа додавајте малку по малку. Смесата треба да личи нешто слично на „попара“. Тоа е единствена споредба што ми текнува во моментов.

Се додава смесата во 10-12 калапи за мафини. Се додава од сусамот и сончогледот одозгора и се печат 15 минути.

Оставете да се зацврстат пред да ги извадите од калапите. Може да ги чувате на собна температура 1 ден, во ладилник до 3-4 дена или во замрзнивач до 1 месец.

Фото: Приватна архива

Забелешки и совети:

→ Јас не го изблендирав овесот пред да го користам во рецептов и излегоа секако вкусни и убави на текстура. По желба може да си го изблендирате претходно за поубаво текстура иако не е потребно. А ако веќе имате овесно брашно дома, слободно може да си го искористите во рецептов.

→ Блитвата и маслинките се мојот избор за мафините, но слободно бидете креативни па додадете си го својот омилен топинг. Сирење, кашкавал, можеби пршута, спанаќ, рендани моркови и слично…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот