Сцена од претставата „Мокументари“ / Фотографија: Драган Перковски

Претставите „Мокументари“ и „Нацрт 1 (вортекс)“ на Адријана Данчевска Ровчанин се на програмата на „Танц фест“

Во рамки на 21-то издание на фестивалот „Танц фест Скопје“, на 6 мај, во Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток во 20 часот, ќе бидат изведени два силни сценски наслови, една авторка и истрајна потреба за телесно сведочење на стварноста. Претставите „Мокументари“ и „Драфт 1 (вортекс)“ се новите танцови дела на кореографката Адријана Данчевска Ровчанин, кои на сцената на Младинскиот културен центар го доведуваат современиот танц во директен судир со политиката, општеството и себеси.

„Мокументари“ е танцова претстава која со ироничен тон и препознатлив хумор се зафаќа со една од најконтроверзните теми на денешницата – политичката сцена. Танцот овде не е само израз – тој станува метафора на нестабилноста, на постојаната промена, но и на отпорот. Со тело како сведок, но и како чинител, изведувачите Дејан Битровски и самата Данчевска Ровчанин го преиспитуваат сопствениот идентитет во контрадикторниот пејзаж на моќ, влијание и самоопределување.

Сценографијата на Ивана Мојсовска и музиката на Александар Гроздановски го заокружуваат просторот во кој се создава овој динамичен и провокативен сценски дијалог. Претставата беше премиерно прикажана на отворањето на „Денови на македонски кореографи“ на малата сцена на Националната опера и балет.

„Драфт 1 (вортекс)“

Публиката ќе има можност да го доживее и „Нацрт 1 (вортекс)“, кратка но моќна кореографска етапа во која настапуваат студентите од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Претставата е дел од проектот „УГД – Чекор кон светот 2025“, кој ги афирмира младите изведувачи и создава простор за нивна уметничка зрелост и јавна видливост. Во вртлогот на движењето, телата на танчарите го отелотворуваат преодот од учење кон создавање – од обид кон израз.

Двете дела се потпишани со музиката на Александар Гроздановски – Herzel, а костимографските решенија во „Нацрт 1“ се на Скопје танцовиот театар.

Скопје танцовиот театар, единствената современа танцова компанија во земјава, активно работи од 2011 година под организација на културниот центар „Интерарт“. Со над 70 премиери зад себе, компанијата се етаблира како водечка сила во полето на современиот танц. Во 2022 година, претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ гостуваше на сцената на Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, каде критиката ја оцени како „брилијантна претстава на авангарден кореограф“. Скопје танцовиот театар има настапувано и на реномирани фестивали и сцени низ САД, Европа и Азија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот