Сцена од претставата „Д (како Дездемона“) / Фотографија: Драган Перковски

Претставата „Д (како Дездемона)“ на Рисима Рисимкин гостува на фестивал за Шекспир во Верона

Скопје танцовиот театар со претставата „Д (како Дездемона“) во кореографија на Рисима Рисимкин на 13 септември, во 21 часот, ќе настапи на сцената на театарот „Камплој“ во Верона, Италија.

Во претставата учествуваат првенците на Скопје танцовиот театар, дел од студентите на Катедрата за современ танц при УГД и ученици на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Балетски оддел – современа насока. Настапот на студентите е дел од програмата „УГД – Чекор кон светот“, проект кој се изведува веќе трета година, со цел студентите преку професионално искуство да се интегрираат во интернационалната танцова сцена, што им овозможува развој на уметничкиот интегритет.

Претставата е дел од трилогијата на кореографката и универзитетска професорка Рисима Рисимкин, насловена „Жените во делата на Шекспир“, која својата премиера ја имаше на првите „Денови на македонски кореографи“ одржани во НОБ, а потоа се изведе и на свеченото отворање на Интернационалниот фестивал за монодрама во Битола. Ова е второ гостување на Рисимкин на „Шекспир фестивал“ во Верона, а првото беше гостувањето со „Лејди Магбет“ во 2023 година, кога претставата апсолутно ја освои публиката.

Претставата е поставена на музика на композиторот Тони Китановски, костимите се на Благој Мицевски, сценскиот дизајн на Матеа Мијановиќ. Ликот Дездемона е во изведба на Анастасија Данчевска, Јаго е Дејан Битровски, Отело е Лука Георгиевски, Емилија е Сара Димовска, Сенката е Давор Милев, а Гласови се Надја Луканова, Нина Петрушевска и Теона Ѓуровска. Претставата е во продукција на Скопје танцовиот театар / Културен центар „Интерарт“ во 2025 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 298, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.9.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот