
Препорачани 19 мерки за заштита од загадување во Скопје, уште само Град Скопје да ги прифати и спроведе
Досега советниците неколкупати усвојуваа мерки за заштита на воздухот кои ги предлагаа советниците на Зелен хуман град, но тие никогаш не беа преточени во одлука, што значи дека залудно беа изгласани од Советот. Во Програмата на Град Скопје за заштита на животната средина за оваа година беше предложена само една мерка за заштита на воздухот – бесплатен јавен превоз во деновите на преголема загаденост и кога на сила се мерките на Владата за заштита на населението.
Градските советници на последната седница на Советот ја прифатија Иницијатива за преземање мерки за заштита на квалитетот на воздухот во главниот град предложена од советниците од „Зелен хуман град“, која содржи 19 препораки усвоени на првото граѓанско Климатско собрание на Скопје.
Препорачано
На тоа собрание, на шест седници 65 случајно избрани граѓани работеа на предлози за намалување на аерозагадувањето кон централната и локалната власт, со фокус на енергетика, јавно здравје и транспорт.
– Оваа разновидна група на поединци го посвети своето време и експертиза во адресирање на актуелното прашање со загадувањето на воздухот во нашиот град. Во текот на собранието, учесниците имаа можност да учат и соработуваат со широк спектар на експерти, истражувајќи ја комплексноста на загадувањето на воздухот и неговите повеќеаспектни влијанија врз нашата заедница. Преку опсежни размислувања и промислен дискурс, граѓаните изработија прецизен сет препораки насочени кон намалување на стапките на загаденоста на воздухот во Скопје. Овие препораки потоа беа подложени на ригорозен процес на гласање, каде што само оние кои собраа двотретинско мнозинство гласови од граѓаните – учесници се сметаа за легитимни – се вели во образложението на Иницијативата.
На потег е сега Град Скопје, чии служби треба да изработат предлог-одлука и да објаснат како ќе се имплементираат препораките, во кој рок и со кои средства.
Во сферата на јавното здравје граѓаните предложиле неколку препораки, како што се воведување интензивна и редовна хигиена на улиците, потоа зголемување на површината со парк-шуми, паркови, зелени плоштади, дрвореди, зелени коридори и заштитно зеленило на ниво на Град Скопје, во согласност со климатските и географските карактеристики на градот и специфичните потреби на граѓаните, како и одржување на постоечкото урбано зеленило. Препорачано е и подобрување на постоечката велосипедска инфраструктура, но и проширување со изведба на нови патеки соодветно поврзани со целосната сообраќајна мрежа, поставување вело-ескалатори во ридестите подрачја и слично.
Во оваа категорија препораки е и изградба на пречистителна станица за комунални отпадни води во Скопје, со што би се намалило загадувањето на Вардар. Предлагачите предвиделе станицата да се заврши до 2026 година, да чини околу 200 милиони евра, од кои 68 милиони се обезбедени преку грант.
Неколку од препорачаните мерки се поврзани со енергетиката, како што се поставување на мерни инструменти за 24-часовен автоматски, јавно достапен мониторинг систем врз сите емисиони точки во воздухот на субјектите кои поседуваат А или Б интегрирани еколошки дозволи, како и зголемување на бројот на контејнери наменети за селекција на отпад и тие да бидат лоцирани во радиус од најмногу 250 метри од станбен објект. Меѓу другото се предлага целосно покривање на сите јавни објекти со енергетско ефикасни фасади и замена на системите за греење кои користат мазут и нафта, како и поставување систем од соларни панели за уличното осветлување, но и проширување на мрежата на централниот топловоден систем за греење, промена на системот на наплата на парно греење и субвенционирање на мерачи за греење на секое домаќинство, како и субвенции за греење, реновирање, санација и реставрација на фасади за подобра термо изолација.
Интегрирање на постоечката железничка инфраструктура во јавниот транспорт во Скопје во 4 фази, проширување на мрежата на велосипедски патеки на локално ниво, коловозната мрежа во централното градско подрачје да биде достапна само за возилата на јавниот транспорт, повеќе пешачки зони околу образовни објекти, но и отстранување на диво поставени елементи (тезги, билборди, паноа за реклами, шанкови, тераси) од пешачките и велосипедските патеки – ова се дел од прифатените предлози на граѓаните на Климатското собрание во сферата на транспортот.
Граѓаните смислиле, предложиле, но неизвесно е дали за Градот ќе биде прифатливо нивното спроведување. Досега советниците неколкупати усвојуваа мерки за заштита на воздухот кои ги предлагаа советниците на Зелен хуман град, но тие никогаш не беа преточени во одлука, што значи дека залудно беа изгласани од Советот. Во Програмата на Град Скопје за заштита на животната средина за оваа година беше предложена само една мерка за заштита на воздухот – бесплатен јавен превоз во деновите на преголема загаденост и кога на сила се мерките на Владата за заштита на населението.