Прекинато копањето песок од Пчиња кај Средно Коњари

Фото: https://kumanovonews.mk

Со одлука на Владата од денес привремено е запрена експлоатацијата на песокот од речното корито на Пчиња, во близина на Средно Коњари и прекинот ќе трае се додека не биде завршен увидот на Државниот Инспекторат за животна средина на локацијата на ископот. Ова е решено поради укажувањата на локалното население и индикациите од теренот дека концесионерот копа надвор од концесијата. Веста, која ја соопшти уште синоќа министерот за земјоделие Аријанит Хоџа денес ја образложи и портпаролот на Влада Мехмед Хоџа. „Прекинот ќе трае се до конечниот извештај за случајот, кој треба да го изготви Државниот Инспекторат“, рече на денешната прес-конференција владиниот портпарол.

Според неодамна дадената изјава на министерот за економија, Крешник Бектеши доколку се утврди нерегуларно постапување од страна на концесионерот, Прогрес Компани, кој има концесија на ископ на песокот во времетраење од 40 години, договорот веднаш ќе се поништи.

Пред неколку дена, десетици жители кои протестираа беа повикани во полициска страница поради блокада на автопатот без претходна најава, за што дел од организаторите на протестот беа повикани во полиција. Синоќа неколку десетици возила, пак, движејќи се по локалниот пат помеѓу Горно, Средно и Долно Коњари, во колона и автомобилски сирени го прославија прекинот на работите на Прогрес Компани. Тие претходно со месеци залудно бараа од надлежните да интервенираат поради, како што тврдат нарушувањето на животната средина, уништувањето на речното корито на Пчиња и загрозувањето на бунарите од кои се снабдуваат со вода, кое доаѓа од активностите на ископот на песокот од реката.

Минатата недела Државниот инспекторат за животна средина објави дека ангажирал овластена геодетска фирма за изработка на Геодетски елаборат откако беа доставени податоци од Управата за хидрометеоролошки работи за положбата на котата на педесетгодиишните води на реката Пчиња. Доколку наодите покажат дека концесионерот копал надвор од дадената концесија, можно е да биде одземена концесијата.

Пред повеќе од еден месец на лице место увид во ископот направија и заменик премиерот надлежен за борба против корупцијата Љупчо Николовски и министерот за животна средина Насер Нуредини, кои ветија дека ќе се расчисти случајот кој веќе подолго време го вознемирува локалното население.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот