Правата на транс-лицата во Бугарија: Глад за нормален живот

Прајд парада во Софија/ Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Габриела Банкова се обиде со штрајк со глад пред Палатата на правдата во Софија да се избори за легална промена на нејзиниот пол. Ова е приказна за борбата за нормален живот.

Дванаесет дена – толку издржа Габриела Банкова. Седна на скалите на Палатата на правдата во Софија и не јадеше ништо, дури и кога гладот ​​ја гризеше сѐ повеќе. Штрајкот со глад, вели таа за ДВ, бил спонтана одлука – од една страна. А сепак, до одреден степен, тоа се наѕирало долго време. Бидејќи Габриела Банкова е „транс“. Меѓутоа, бугарската држава одбива да го признае тоа. Кога судот во ноември одби да ја смени графата „пол“ на нејзината лична карта во „женско“, Банкова не знаела веќе што да прави. И, седна пред Палатата на правдата.

Габриела Банкова ослабе седум килограми за време на штрајкот со глад. Готово е од минатата сабота, 25 ноември 2023 година. Но, борбата на Банкова за нејзините права не завршува тука. „Мислам дека е време за реформи во судството“, вели 32-годишната девојка за ДВ.

Во текот на штрајкот Габриела Банкова ослабна седум килограми. Штрајкот заврши во саботата, на 25 ноември, но борбата на Банкова за своите права ни оддалеку не е завршена.

„Мислам дека е време за правосудна реформа“, вели 32-годишната Банкова за ДВ.

Нема право на брак, на посвојување, на наследство…

Европската секција на Меѓународната асоцијација на лезбејки, гејови, бисексуалци, трансродови лица и интерсексуалци (ИЛГА) објавува годишен виножито-индекс, во кој оценува 49 земји во Европа врз основа на нивните закони за еднаквост и политики за ЛГБТК-заедницата. Во 2023 година Бугарија се најде на 40. место. Од сите земји на ЕУ, само Романија и Полска имаат полоши резултати.

ЛГБТК-лицата во Бугарија се соочуваат со законски неповолности. Организацијата „Дајствие“, која води кампања за социјална и законска еднаквост на луѓето од ЛГБТК-заедницата во земјата, пред пет години направи анализа на 79 бугарски закони. Резултат: на квир-луѓето во Бугарија им се ускратени околу 300 аспекти од овие закони. На истополовите парови не им е дозволено да стапуваат во брак, не можат да посвојуваат деца заедно и не можат да го наследат имотот на партнерот.

Право на родово самоопределување, кое е толку важно за Банкова и другите транс-лица, не постои. Официјално прилагодување на записот на полот или промена на името – невозможно.

Работи кои се подразбираат стануваат секојдневна борба

На Габриела Банкова честопати ѝ се одбива престој во болница и други здравствени услуги поради информациите на нејзината лична карта на кои под „пол“ сѐ уште пишува „машко“, пренесува таа. Неодамна се разболела од пневмонија, но не можела да купи антибиотици бидејќи ѝ бил потребен лекарски рецепт кој не го добила, бидејќи здравствените установи верувале дека таа користи лажна лична карта и всушност нема здравствено осигурување.

32-годишната девојка опишува дека поради истата причина ѝ биле одбиени договори за вработување и за изнајмување стан. Во нејзиниот секојдневен живот, нејзиниот идентитет постојано се судира со „м“ во нејзината лична карта.

Промена на пол? Невозможно!

Првите дискусии за можноста за законска промена на полот во Бугарија започнаа на почетокот на 1990-тите. До 2017 година имало позитивен развој, известува Деница Љубенова, адвокатка и претседателка на „Дејствие“. Бидејќи не постоела јасна судска пракса, транс-лицата повремено можеа да го променат својот пол-статус на суд.

Но, во 2018 година, среде кампањата против ратификацијата на Истанбулската конвенција, Уставниот суд одлучи дека терминот „род“ треба да се разбира само во биолошка смисла – и дека има „само два рода“. Три години подоцна, започна процес на толкување. Во февруари 2023 година, Врховниот суд објави дека пресудил оти не постои правна рамка што ја регулира законската промена на полот. Или кажано поинаку: трансродовите лица во Бугарија веќе немаат законска можност за промена на својот пол.

Нема статистика колку луѓе во Бугарија се во слична ситуација како Габриела Банкова. Адвокатката Љубенова е сигурна дека ги има доста. Само нејзината организација „Дејствие“ во моментов претставува околу 30 до 40 луѓе.

„Одлуките на бугарското правосудство во последните години направија да бидеме прогласени за луѓе кои не се добредојдени во општеството“, вели огорчено Банкова.

Различни реакции пред Палатата на правдата

Габриела Банкова двапати беше уапсена од полицијата за време на нејзиниот штрајк со глад, наводно затоа што, меѓу другото, не можела да се идентификува. Неоправдано, вели Банкова. Таа ги покажува модринките на десниот зглоб и вели дека била навредувана, понижувана, соблечена, па дури и физички повредена во полициска станица. „Што и да прават, не можат да ме скршат. Ментално сум посилна од кога било досега“, вели таа.

За време на штрајкот со глад, Банкова ги доживеа двете страни на бугарското општество пред Палатата на правдата.

Некои минувачи отворено ја навредуваа и стануваа агресивни – особено тинејџери и млади мажи. Банкова смета дека тоа се должи на националистичките, десноекстремните или популистички партии кои постојано хушкаат против ЛГБТК-лицата во Бугарија. Во некои случаи не доаѓа само до говор на омраза, туку и до физички напади.

Во октомври 2022 година, на пример, деснопопулистичкиот политичар Бојан Станков и десет други луѓе упаднаа во ЛГБТ-собирното место „Виножито Хаб“ во Софија и повредија еден вработен.

Но, имаше и многу минувачи кои се солидаризираа и сакаа да дознаат повеќе за животот на транс-луѓето, вели Банкова. „Дури и луѓето кои не зборуваа директно со мене, ми се насмевнаа“, вели таа.

Таа со своето седење пред Палатата на правдата покажа дека во Бугарија постојат трансродови лица – и дека тие, како и сите други, имаат право на нормален и достоинствен живот. Затоа штрајкот со глад беше само почеток, вели Банкова: „Сега ја започнуваме вистинската работа“.
Извор: Дојче Веле/ Автор: Маргарита Николова

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот