Агенција за национална безбедност АНБ

Пратениците утре во увид на АНБ, со комисијата ќе претседава Скендер Реџепи но нема да влезе во Агенцијата

Утре во 10 часот ќе се одржи комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање, по што ќе следи и увид на Агенцијата. Со неа ќе претседава Скендер Реџепи, но потоа нема да влезе во Агенцијата заедно со пратениците, бидејќи нема сертификат.

На денешниот брифинг со новинарите, претседателот на Собранието Африм Гаши рече дека се направени сите напори за да нема некакви проблеми, а за сертификатот на Реџепи рече дека треба да одговори АНБ.

„За утре е закажана седницата на Комисијата за надзор над АНБ, а потоа пратениците ќе одат во надзор на Агенцијата. Како што знаете несогласувања имаше со закажувањето на Комисијата но гледавме да направиме се за да нема лични суети и да има проблеми во Собранието, значи идејата беше да има договор за седницата на Комисијата. Во однос на сертификатот на Реџепи Собранието не е надлежно и за тоа треба да се праша АНБ зошто по една година тој се уште не го добил безбедносниот документ“, рече Гаши.

Седницата на Комисијата беше свикана на предлог на пратеникот Љупчо Пренџов откако во јавноста излезе информација дека АНБ во периодот од 2019 до 2024 година го прислушувала премиерот Христијан Мицкоски, новинари и бизнисмени.

Проблемот со одржувањето на седницата се појави поради тоа што претседателот на Комисијата Скендер Реџепи нема безбедносен сертификат.

Од опозицијата бараат декласификација на документацијата, а на прес-конференции, како што најавија, ќе ја објавуваат вистината за случајот АНБ. Оттаму денеска го обвинија Мицкоски дека со вчерашната изјава потврдил дека нема никаква намера да ги декласифицира документите кои би ги докажале неговите наводи дека нелегално бил следен.

Кузеска: Дали Мицкоски соработувал со руски шпиони, па се плаши да ги декласифицира документите?

ВМРО-ДПМНЕ го повика Обвинителството да престане да работи за СДСМ, со што велат дека им остава простор да шират невистини.

ВМРО-ДПМНЕ го повика Обвинителството да престане да работи за СДСМ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот