
Повеќе од вртоглавица и главоболка: Тропските температури можат да предизвикаат сериозни компликации
Тропските температури, кога дневните вредности надминуваат 35 степени, можат да бидат штетни и за здрави лица, а особено за оние со хронични заболувања. Дехидратацијата може да доведе до вртоглавица, главоболка, пад на крвниот притисок, замаглен вид, нарушена функција на бубрезите, па дури и до смртен исход. Овие тегоби можат да се спречат со здрави навики и соодветна терапија, а посебно внимание треба да внимаваат одредени групи пациенти, пишува „Е-клиника“.
Препорачано
Кардиоваскуларни заболувања
Лекарите предупредуваат дека топлината значително влијае на работата на срцето и ги влошува симптомите кај лицата со срцеви проблеми. Зголеменото потење води до електролитен дисбаланс, што е ризично особено за оние што земаат диуретици.
Како што објаснува д-р Томас Гут од Универзитетската болница на Статен Ајленд, топлината го оптоварува телото во обидот да се олади, а тоа дополнително го напрега срцето. Кај лицата со срцева слабост, оваа состојба може да стане критична.
Д-р Нима Мајлеси додава дека високите температури го нарушуваат нормалниот проток на крв до срцето и можат да предизвикаат акутен коронарен синдром и срцев удар.
Заболувања на дишните патишта
Тропските горештини ги оптоваруваат и белите дробови, бидејќи телото троши повеќе кислород во обид да се лади. Симптомите се поизразени кај луѓе со респираторни болести, особено кога воздухот е и топол и влажен, што води до забрзано и плитко дишење.
За лицата кои се на кислородна поддршка, ситуацијата може да биде уште потешка, особено при евентуални прекини во снабдување со струја поради преоптовареност на електричната мрежа.
Болести на бубрезите
Пациентите со бубрежни заболувања се изложени на ризик од електролитен дисбаланс. Топлотниот бран предизвикува варијации во хидратацијата и потењето, што води до губење на натриум, калиум и хлориди – суштински минерали за одржување на рамнотежата на телесните течности.
Поради тоа, пациентите можат да доживеат замор, нарушено функционирање на организмот и дополнителни здравствени тешкотии.
Психијатриски заболувања и зависности
Високите температури можат да имаат опасни последици кај лица со психијатриски нарушувања или кај оние што користат психоактивни супстанции.
„Бројот на смртни случаи поврзани со употреба на кокаин се зголемува за време на топлотни бранови“, вели д-р Мајлеси.
Кокаинот ја зголемува телесната температура и го оптоварува срцето. Слично дејство има и анксиозноста, која го забрзува срцевиот ритам.
Ризик постои и кај сите што користат лекови кои го попречуваат природниот процес на ладење на телото – како што се диуретици, антиалергиска и психијатриска терапија.
Топлотен удар
Дехидратацијата која произлегува од високи температури и недоволен внес на течности води кон симптоми како главоболка, замор, мачнина, а во потешки случаи и до конфузија, грчеви, па дури и кома.
Топлотниот удар настанува кога телото за кратко време достигнува критично висока температура, над 40 степени. Состојбата се карактеризира со топла и сува кожа (без потење), забрзано чукање на срцето и забрзано дишење, вртоглавица, повраќање и понекогаш губење на свеста.
Лекарите предупредуваат и на зголемен ризик од мозочен удар (церебрална исхемија) при вакви екстремни услови.
Како да се избегнат компликации?
Тропските температури може полесно да се поднесат со редовна терапија кај хронично болните и со следење на здрави навики кај сите, без разлика на возраста:
- Во текот на секој час испијте најмалку половина чаша вода или според упатството на лекар.
- Консумирајте пијалоци со електролити, без шеќер.
- Избегнувајте кафе, газирани пијалаци и алкохол.
- Останете во затворен простор и во сенка во периодите со највисоки температури.
- Ако морате да бидете надвор, нанесете заштитна крема и носете капа.
- Освежувајте се со вода во спреј или со влажна крпа.
Безбедноста во горештини започнува со едноставни, но доследни чекори.