
ПОТРЕСНО ВИДЕО ОД ТЕТОВО: Девојче вреска и бега од глутница кучиња, го соборија на земја
На социјалните мрежи денеска се споделува видео со вознемирувачка содржина, на кое се гледа како девојче е нападнато од глутница кучиња во близина на Државниот универзитет во Тетово.
Препорачано
Кучињата прво го напаѓаат девојчето на тротоарот, по што тоа бега кон тревник и влез на станбената зграда, врескајќи и барајќи помош. Глутницата од десетина кучиња го напаѓаат и соборуваат на земја. За среќа, еден сосед успева да ги разбрка кучињата, а девојчето да спаси жива глава.
„Се надевам дека ова видео ќе ви ги отвори очите и ќе преземете мерки за оваа жална состојба насекаде низ нашето Тетово“, пишува над видео објавата, жител на Тетово кој ги сподели оваа страшни сцени.
Ваквите напади во Тетово станаа секојдневие, но, оваа снимка само потврдува дека жителите на Тетово постојано живеат во страв додека се движат низ јавните површини. И полицискиот билтен секојдневно бележи напади од кучиња скитници.
И додека низ градот глутница кучиња секојдневно ги напаѓаат тетовци, а голем дел од граѓаните завршуваат со повреди, од Општина Тетово моментално не преземаат никакви мерки за справување со овој проблем. Од илјадници кучиња скитници, сегашната локална власт имаат заловено само 82.
„Првичниот договор со „Амос шелтер“ беше да се заловат 82 бездомни кучиња. Досега се спроведени две акции за заловување. Во првата се заловени 41 куче, во втората која заврши пред неколку дена исто 41 бездомно куче, со што се испочитува првичниот договор. За понатамошните акции и соработки на здружението со Општина Тетово дополнително ќе се разговара. Она што загрижува е што секојдневно се носат и по повеќе од 20 кучиња од други населени места во Тетово. Нашите екипи ги следат овие прекршители, но не е едноставно да се пресретнат на лице место и да се регистрираат таблиците на возилата што ги носат кучињата. Се работи за проблем, кој не е сериозно третиран со години и со кој се соочува цела држава. Бараме трпение од граѓаните, но и помош, доколку забележат случаи на истовар на бездомни кучиња од други места во нашиот град, да пријават“, одговорија минатата недела од Општина Тетово на прашање на „Слободен печат’ околу проблематиката со кучињата скитници во Тетово.
Оттаму најавија дека во соработка и координација со државните власти, ќе изнајдат начин за заеднички пристап и решавање на проблемот.
Засега властите очигледно проблемот со кучињата го решаваат со најави и предлози, а пред неколку месеци општината објави и Правилник за начинот и постапката на утврдување и исплата на надомест на штета предизвикана од каснување од бездомни кучиња.
Целта е како што посочија оттаму, Општина Тетово да им излезе во пресрет на граѓаните, со тоа што процедурите за вакви случаи се поедноставуваат, воедно и се намалуваат, односно избегнуваат судските трошоци, како и трошоците за извршители и адвокати.
Низ тетовските тротоари повеќе кучиња скитници од пешаци, општината нема решение за проблемот