
Потрагата на руските мајки по своите синови-војници
Руските семејства имаат големи тешкотии во потрагата по своите членови кои се испратени на украинскиот фронт. Русинката Ирина Чистјакова сподели со Њујорк Тајмс потресна приказна за обидите да се идентификува нејзиниот син Кирил (20), кој исчезнал на крајот на март.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во текот на шесте дена што ги поминала прелистувајќи ги сликите на мртвите војници во главната руска воена мртовечница, Чистјакова се трудела да не гледа директно во осакатените тела. Доколку лицето било уништено до непрепознатливост, таа би се фокусирала на тоа дали забите личат на забите на нејзиниот син. Вкупно, таа погледна околу 500 фотографии.
Чистјаковa е една од стотиците Руси кои се обидуваат да си ги пронајдат исчезнатите синови, сопрузи, браќа и други најблиски кои се бореле во Украина. Семејствата и здруженијата за човекови права нагласуваат дека рускиот режим насилно ги испратил во војната.

Размерите на човечките загуби се речиси неверојатни. Кон крајот на летото, Пентагон процени дека од 70.000 до 80.000 руски војници биле убиени и ранети во инвазијата, а многу повеќе се водат за исчезнати. Нивните семејства тврдат дека системот за пронаоѓање исчезнати војници е неорганизиран како и руската војска, која се покажала нефункционална од почетокот на војната.
„Телефонски ни велат дека се е во ред, дека ги бараат, а истото го кажаа и во официјалните, писмени одговори“, рече Чистјакова.
Кога пристигнала во Ростов за да ги прегледа фотографиите на загинатите, таа идентификувала двајца мажи од пешадиската единица кои личеле на нејзиниот син, кои претходно биле пријавени за исчезнати.
Во потрага по одговори, роднините бараат информации од сите страни, а постојано се јавуваат на специјалната телефонска линија на Министерството за одбрана. Тие разговараат со локалните гувернери, контактираат со воени команданти или други војници, посетуваат болници и мртовечници и поминуваат безброј часови на интернет барајќи видеа од заробени војници.
„Добивањето информации за руски војници кои се борат, кои се заробени или кои загинале е проблем од почетокот на конфликтот“, рече Сергеј Кривенко, директор на група за човекови права која обезбедува правна помош за руските војници. „Никој во Министерството за одбрана не очекуваше такви размери“, рече тој, додавајќи дека „едноставно не создале соодветни служби“.
Русија само двапати ги објави податоците за жртвите, кон крајот на март и во септември, кога министерот за одбрана Сергеј Шојгу рече дека загинале речиси 6.000 војници. Западните проценки се далеку повисоки. Нема податоци од руската влада за исчезнатите, а нивните војници понекогаш оставаат тела напуштени покрај патот додека се повлекуваат.

Родителите во потрага по своите деца
Недостатокот на каков било функционален официјален систем ги поттикна родителите да се организираат. На интернет се појавија многу виртуелни групи за разговор, кои често беа насочени кон војници од одреден регион или одредени единици. Додека виртуелните групи за разговор дејствуваат како еден вид канали за поддршка низ целата земја, тие исто така се преполни со фрустрација, гнев и недоверба. Постојат многу сомнежи дека некои учесници се украински шпиони кои сакаат да користат информации за војниците.
Се чини дека најголемиот извор на фрустрација е телефонската линија на Министерството за одбрана за роднините на исчезнатите. Неколку интервјуирани луѓе рекле дека информациите постојано се менуваат – понекогаш им кажувале дека војникот е зафатен со борби, понекогаш дека е убиен, а понекогаш дека е исчезнат.
„Секој пат е различно“, вели Марија Шумова. По почетокот на инвазијата повремено се појавувал и нејзиниот син Владимир (23). Последниот повик беше на 15 март.
Шумова можела да поврзе дел од она што се случило преку разговори со војници од единицата на синот Владимир. Таа знае дека бил со група оклопни транспортери во Дмитровка, источно од Киев, кога еден од нив бил нападнат од заседа. Војниците кои тргнале да го спасат биле нападнати. Возилото на Владимир експлодирало, поради што некои од неговите колеги веруваат дека е убиен, но неговата точна судбина останува нејасна.
„За мене потрагата трае цело време, знаете, чекам, барам, постојано размислувам каде да напишам, како да го најдам син ми, едноставно не знам веќе“, рече Шумова.

Потрагата по исчезнатите беше проблем и во двете чеченски војни, рече Александар Черкасов, член на одборот на Меморијал, руската организација за човекови права која ја доби Нобеловата награда за мир минатиот месец, но е цел на ликвидација од страна на Кремљ.
Во овие конфликти, истражителите на Меморијалот ги посетиле боиштата за да се обидат да соберат информации за исчезнатите. Тие денови одамна ги нема, вели Черкасов. „Во Русија на Путин е невозможно невладините организации да го преземат водството, тоа зависи од поединци“, рече тој.
Татјана Москалкова, рускиот омбудсман за човекови права, претходно оваа недела изјави дека разговарала со нејзиниот нов украински колега и дека ќе работи заедно на ова прашање.
Мајката ги презела работите во свои раце
Чистјакова, мајката на Кирил, рече дека не ги сака Украинците или руската војска. Таа ја гледа војната како егзистенцијална битка со Западот, повторувајќи го наративот промовиран од Кремљ, но мисли дека тоа не ѝ е потребно ниту на Русија ниту на Украина. Таа пет месеци се бореше со воената бирократија, а испрати и писмо до Кремљ во кое бара одговори потпишани од роднините на повеќе од 100 исчезнати лица.
Роднините во воената мртовечница можат да гледаат слики од телата на неколку компјутери. Воен психолог е секогаш во близина и нуди лекови за смирување ако работите станат премногу мачни.
Една група чеченци кои биле во потрага по загинатите живееле во близина на мртовечницата во своите автомобили неколку недели. Чистјакова убедила друг маж, кој не сакал да влезе, да ги пребара фотографиите. Тогаш таа го нашла својот син.
Со сопствено истражување открила дека 32 војници од водот на нејзиниот син загинале, четворица се водат за исчезнати, а четворица се живи. Таа дури се осмелила да оди во воената зона, во Доњецк, каде си го нашла синот во мртовечница.
Во Ростов, таа успеала да идентификува еден војник бидејќи имал необична тетоважа со канџи на мечка на десната рака. Неговото тело пристигнало во мртовечницата на 3 јуни, повеќе од два месеци пред таа да го најде. Никој не го барал активно бидејќи неговите родители биле мртви, вели таа, па самата ја известила неговата маќеа.
„Не ни е грижа за политиката, што и да правите таму, само вратете ги“, рече Чистјакова. „Ако се убиени, вратете ги нивните тела.