
Поранешната економска директорка на Онкологија го вештачела финансиското работење на Клиниката – судот го прифати доказот
Кривичниот суд го одби барањето на адвокатите на екс-директорите на Клиниката за онкологија доктор Нино Васев и Нехат Нухи да се изземе економското вештачење на Елизабета Дамевска Јовановска за економското работење на Клиниката за онкологија. Судот одлучи дека ова вештачење не е прибавено на незаконит начин.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
-Не е спорно дека вештакот извршувала функција в.д економски директор на Клиниката за онкологија во период од 2015 до 2017 година кога на тоа место е именуван второобвинетиот Нехат Нухи а Васев е именуван за медицински директор на Клиниката за онкологија, но тоа не е пречка за вештачењето да се прифати одлучи судот.
Во судницата сведочеа тројца сведоци, шалтерски работник, раководителката на аптеката и надворешен член на управниот одбор на Клиниката за онкологија.
Шалтерскиот работник рече дека кога пациентите ги носеле извештаите за препишаната терапија на шалтер ординирана од лекар, и тоа онаа одобрувана со условен буџет, на извештајот бил потпишан и доктор Нино Васев.
-Претпоставувам дека ја одобрувал, зашто јас работам на оддел дојка, на секој извештај го имаше потписот на доктор Нино на тие лекови што се на условен буџет, рече таа додавајќи оти сега терапијата не се одобрува од директор туку од стручен колегиум.
Запрашана дали забележала на таквите извештаи на онколошките пациенти што примале терапија од условен буџет да биде пречкртувана дозата со пенкало и менувана во повисока или пониска, таа рече дека не забележала.
На прашањата на адвокатот на Васев пак, таа исткана дека сите печати на докторите кои што работат во одделот „карцином на дојка“ стоеле кај неа на шалтер и во времето кога Васев бил директор ама и пред тоа, а и ден денешен имала еден факсимил од специјалист на шалтер. Според нејзиното сведочење, ѝ се случило во праксата пациент да дојде со извештај потпишан од еден лекар за терапија, а да стави печат од друг.
Надворешниот член на управниот одбор на Клиниката за онкологија посочи во сведочењето дека Министерството за здравство во име на Клиниката ги правело тендерите за набавка на терапиите, а кога Управниот одбор одлучувал тие одлуки никогаш не биле безусловни.
-Секогаш заклучокот беше да се обезбедат средства преку Фондот за здравство и да се направи напор лековите што се неопходни а кои ги кажуваат колегите од клиниката, современата терапија, да стане дел од лековите што се на товар на ФЗОМ рече тој.
Тој се сети на една седница каде началниците на сите оддели од Клиниката за онкологија ги искажувале своите потреби за лекови за пациентите. На седниците на кои присуствувал не се разговарало дека клиниката е презадолжена
– Од колегите внатрешни членови на Управниот одбор на Клиниката за онкологија знаев дека современата терапија е многу скапа и претседателот на одборот напиша писмо до ФЗОМ за проблемот што може да настане за набавка на овие лекови ако плаќањата не ги преземе Фондот, рече тој.
На почетокот на неговиот мандат имало тужба кон Клиниката за ненаплатени долгови кон фармацевтска веледрогерија.
Раководителката на клиничката аптека во болницата, во одговорите рече дека лековите не смеат да се чуваат во канцеларии, а тие од условен буџет се требуваат по пациент и треба да се аплицираат истиот ден кога се требувани.
Според неа, во клиничката аптека одредени количини лекови биле примани со документ „реверс“ со писмено барање за реверс потпишано од директорот и заверено архивски, а земани на реверс биле и лекови што биле на условниот буџет. Инаку лековите што се на условен буџет се скапи биолошки терапии за кои ФЗОМ одобрува буџет.
Според сведочењето на раководителката на клиничката аптека реверсите биле земани додека траел процесот на јавна набавка со фармацевтските компании кога договор уште не бил потпишан. Рече и дека тие лекови што се земале на реверс, ги немало во залихите на клиниката во моментот кога тоа се правело.
На прашањето на адвокатот на Васев, Дељо Кадиев дали реверсот како постапка постоел и пред Васев да биде директор таа рече дека пред Васев немало биолошка терапија од условен буџет туку само 2-3 биолошки лека кои ги набавувала Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД). Имало и пред директорувањето на Васев позајмици од други клиники, сведочеше фармацевтката, ама за мали количества.
Судењето продолжува на 21 октомври во 10 часот. Поранешните директори на Клиниката за онкологија доктор Никола Васев и Нехат Нухи се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување, измама и проневера во службата. Тие се изјаснија како невини.