Порака од евроамбасадорот во Тирана: Западен Балкан да се справи со корупцијата, сите мора да видат дека криминалот се казнува

Силвио Гонзато, амбасадор на ЕУ во Тирана, Албанија/Фото: Скриншот

Амбасадорот на ЕУ во Тирана, Силвио Гонзато им порача на властите во Албанија дека против корупцијата мора да се борат одлучно.

Амбасадорот Гонзато на настан што го организираше албанското Министерство за правда за реформите во правосудството и борбата против корупцијата вели дека резултатите во борбата против корупцијата се услов за европскиот пат на Албанија.

Гонзато нагласи дека Албанија ќе ја има поддршката од Европската унија, но ќе мора да се бори против корупцијата, бидејќи тоа е и причина поради која младите си заминуваат.

„Корупцијата е последица на криминални активности и влијае на безбедноста на нашите земји, тоа ги продлабочува нееднаквостите и ја нарушува довербата на населението во владите. Тоа ја тера младината да си оди. Нашата работа е повторно да ја воспоставиме таа доверба. Борбата против корупцијата е од суштинско значење за да се создаде подобар живот. Резултатите во борбата против корупцијата се важни за Албанија да се придвижи напред во процесот на интеграција и овие напори мора да бидат видливи и познати, сите мора да видат дека криминалот се казнува, рече евроамбасадорот Гонзато.

Според него, резултатите против корупцијата треба да бидат видливи и конкретни во Албанија, но и во целиот регион на Западен Балкан.

Амбасадорот Гонзато во својот говор рече дека треба да се зајакне правната рамка и да се воспостават институции со висок интегритет.

„Во Западен Балкан тие мора одлучно и храбро да ја продолжат борбата против корупцијата, со конкретни иницијативи за зајакнување на правната рамка и финансиските ресурси за воспоставување институции со висок интегритет. Напорите мора да бидат видливи и конкретни. Спречувањето на корупцијата и спроведувањето на редот треба да биде многу важно, бидејќи тоа е поврзано со важните реформи што ги направи Албанија. Ја земаме предвид работата што е направена со голема поддршка од ЕУ да имаме стратегија 2024-2030 година, која ќе биде правна рамка за идентификување на корупцијата, даночната администрација, царината, јавните набавки“, рече амбасадорот на ЕУ во Тирана.

ЕУ обезбеди речиси 100 милиони евра како поддршка за борбата против корупцијата во Албанија, рече Гонзато, притоа нагласувајќи дека е потребна силна политичка иницијатива за остварување на заложбите.

„Борбата против корупцијата ќе наиде на отпор кај оние луѓе кои имаат свои скриени интереси, затоа е потребна силна политичка иницијатива која мора да биде континуирана. ЕУ обезбеди техничка поддршка за делот за спречување на корупцијата, ова е инвестиција од близу 100 милиони евра, важна рамка за разговори за различните напори во борбата против корупцијата“, рече Гонзато.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот