Ресторани на Кеј 13 Нов - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Кафичите на Кеј 13 Нов - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Половина лето помина и никој не ги трга масите поставени пред локалите на кеј

Угостителите одат дотаму што, покрај двата реда маси, сега дел од нив поставиле и трет ред, некаде во вид маса, некаде во вид повисок конопој со столчиња, со што целосно се узурпираат јавните клупи и одморалишта, корпите за отпадоци и секако, пешачката патека.

Угостителските објекти сместени во должина на кејот на Вардар, годинава, со појавата на сончевите денови, започнаа да поставуваат маси и столчиња за да си ги прошират летните тераси надвор од застаклениот дел, со кои го узурпираат јавниот простор наменет за пешаци и велосипеди. Притоа, угостителите си ги „присвоија“ и клупите пред објектите поставени од Град Скопје.

Претходно, „Слободен печат“ пишуваше за „итрите“ угостители што набрзина ги извадија масите надвор на шеталиштето, по што од Општина Центар интервенираа со вонреден инспекциски надзор на овие локали.

Ресторани на Кеј 13 Нов - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Ресторани на Кеј 13 Нов – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Тогаш од локалната самоуправа информираа дека биле изречени казни за сите правни субјекти што ги узурпираат јавните површини со поставување урбана опрема без соодветно одобрение. Сепак, оттаму не прецизираа точно кои угостители биле казнети и колкава била глобата, иако граѓаните можат да претпостават во кои објекти ги има овие отстапки. Исто така, од Општината не објаснија ни дали на угостителите им било наложено веднаш да си ги приберат масите во застаклените тераси или, пак, бил оставен некој грејс-период за да ги отстранат.

Угостителите да ги прилагодат објектите или ќе рушиме, вели новиот кочански градоначалник Крстевски

По оваа вонредна акција, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски најави дека ваквите инспекциски надзори ќе се интензивираат во наредниот период и дека нема да се толерира незаконско и бесправно поставување урбана опрема. Тој тогаш соопшти дека се сретнал со угостителите од Општината и разговарал токму за овој проблем со урбаната опрема, но и за поголемо запазување на хигиената и гласната музика.

Ресторани на Кеј 13 Нов - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Ресторани на Кеј 13 Нов – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Проблемите со одлагањето на сметот, гласната музика во доцните часови и непочитувањето на правилата за урбаната опрема беа главните теми на средбата.

– Со доаѓањето на потоплите денови, се зголемува движењето на граѓаните и на посетителите во угостителските објекти, па затоа е важно навремено да укажеме дека законите мора да се почитуваат – истакна Герасимовски.

Очигледно, по последната вонредна општинска контрола кога беа изречени казни за овие локали, навиката си остана и вработените си продолжија со вадење маси и столчиња секое утро пред почетокот на работната смена, игнорирајќи ги веќе изречените казни што се знак дека оваа постапка што преминала во секојдневно однесување е нелегална.

Кафичите на Кеј 13 Нов - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Ресторани на Кеј 13 Нов – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Од Град Скопје тогаш известија дека немаат дадено одобрение за поставување урбана опрема надвор од локалите.

– Ве известуваме дека Град Скопје нема дадено Одобрение за поставување маси пред застаклените тераси. Инспекторатот на Град Скопје секојдневно постапува со санкционирање на противправно поставување, но бидејќи Град Скопје е единствена единица на локална самоуправа во Македонија што нема градежна инспекција, во согласност со законот за отстранување незаконски поставена урбана опрема надлежност има Општина Центар – тврдат од Град Скопје.

Но, ситуацијата и натаму е непроменета, угостителите си „тераат по свое“ бидејќи очигледно санкциите за овие тераси не се многу високи, земајќи предвид дека терасите си постојат.

Угостителите одат дотаму што, покрај двата реда маси, сега дел од нив поставиле и трет ред, некаде во вид маса, некаде во вид повисок конопој со столчиња, со што целосно се узурпираат јавните клупи и одморалишта, корпите за отпадоци и, секако, пешачката патека.

Кафичите на Кеј 13 Нов - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Ресторани на Кеј 13 Нов – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Дел од местата за одмор и оддишка за време на топлите денови се целосно „присвоени“ како дел од ресторанот и на нив е постелена покривка, веројатно за гостите од локалот. Нив не можат да ги користат граѓаните што шетаат покрај Кејот, бидејќи ако седнат, ќе им пријде келнер за да ги услужи, бидејќи клупите се опкружени со маси од ресторанот.

„Слободен печат“ повторно прати прашања до Општина Центар дали си стојат на зборот и дали продолжија со надзор на овие угостителски објекти и дали се изречени нови казни или се издадени дозволи за употреба на просторот, а оттаму ни одговорија дека локалите на кејот веќе добиле казни и најавија вонреден инспекциски надзор на потегот покрај кејот.

Кафичите на Кеј 13 Нов - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Ресторани на Кеј 13 Нов – Фото Слободен печат – Методи Здравев

– Одобренијата за поставување урбана опрема на посочената локација ги издава Град Скопје и за информации во однос на урбаната опрема да се обратите до Град Скопје – Сектор за урбанизам. Општина Центар има изречено прекршочни санкции за локалите што се наоѓаат на тој потег и во наредниот период ќе се вршат вонредни надзори. Доколку имаме непочитување на одобрениот елаборат, повторно ќе бидат изречени глоби, информираа од локалната самоуправа.

Бидејќи дозволите за користење урбана опрема ги издава Град Скопје, „Слободен печат“ неколкупати испрати прашања до Градот дали овие локали го имаат добиено нивниот „амин“ за да ги користат јавните површини како надворешни тераси и да го блокираат шеталиштето, но оттаму одговор, за жал, не добивме.

Градот не одговара дали локалите имаат добиено дозвола за поставување урбана опрема пред локалите, а Општина Центар не е конкретна дали направиле надзор или не, ниту дали ќе наложат да се отстранат масите. Како што моментално стојат работите, угостителите ќе си го истераат ќефот исто како и минатата година и непречено ќе си го „истераат“ летото послужувајќи гости на простор на кој не им е дозволено тоа да го прават.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот