
Поголем ќар од ковидот – здравје!
Додека луѓе умираа и не знаеја кој крај да го фатат поради коронавирусот што подмолно однесе илјадници животи во Македонија, јавното здравство колабираше, а приватниците и тоа како го искористија моментот за да прават рекордни милионски профити. Но, државата им го овозможи тоа.
Речиси 180 милиони евра Македонците им платиле на „Жан Митрев клиник“ и на „Аџибадем Систина“ за две години пандемија на коронавирус. Во 2021 година во „Аџибадем Систина“ граѓаните за здравствени услуги оставиле 77,5 милиони евра, а во „Жан Митрев клиник“ 32,5 милиони евра. Минатата година „Аџибадем Систина“ на вкупен приход од 77,5 милиони евра направила чист профит од дури 17,3 милиони евра. Со 32,5 милиони евра приход, Клиничката болница „Жан Митрев“ минатата година направила профит од 9,2 милиони евра.
Препорачано
И потоа кажете дека ова не било воено профитерство. Додека луѓе умираа и не знаеја кој крај да го фатат поради коронавирусот што подмолно однесе илјадници животи во Македонија, јавното здравство колабираше, а приватниците и тоа како го искористија моментот за да прават рекордни милионски профити.
Јавноста беше сведок на секојдневните апели на социјалните мрежи за донирање пари за, замислете, да може некој да оди во приватна клиника и да се лекува. Не дека така сакал, не дека сакал да се луксузира, туку едноставно немал избор. Немал каде да оди. Таткото на наш колега почина затоа што од државната болница во Штип повеќе не знаеја што да му прават, а на клиниките во Скопје немаше место за да го сместат. И додека нашиот колега избезумено се обидуваше да најде 12.000 евра за да ги уплати на сметката на „Жан Митрев“ за да го примат, часовите одбројуваа, а состојбата на неговиот татко се влошуваше. Но, главоболките не завршија тука. Пари и понатаму му бараа – де за ваква терапија, де за онаква, па оди купи си вакви ампули, оди купи онакви ампули… Бидејќи тие за само 12.000 евра ја немале потребната терапија. На крајот човекот си замина, а на нашиот колега му останаа долговите и болката. И тој не беше единствен кој мораше да го преживее тоа.
Многу луѓе се соочија со суровоста и алчноста на приватните клиники, кои само гледаа како да заработат на грбот на човечката мака. Емпатија немаше никаква, за ништо. Заработките од скапите приватни тестови беа вртоглави. Се нудеа пакети за постковидни проверки како рендген и лаборатории, додека граѓаните мака мачеа да добијат навремена дијагноза и да закажат термини. Се нудеше ексклузивна и скапа нега за ковид болните кои се во критична состојба и мораа да бидат хоспитализирани, а не успеале да добијат болнички кревет во државното здравство. А замислете, во Македонија, според регулативата, секој има здравствено осигурување. Но, тоа само според регулативата. Во практика се докажа дека право на лекување имаа само оние со длабок џеб. И државата мува не ја лазеше.
Не се виновни само приватните клиники. Државата им го овозможи тоа. Владата во услови на вонредна состојба, кога сите беа приморани да претрпат некакви загуби во своите бизниси, не смогна сили да ги стегне приватните клиники и да ги сопре во нивното нехумано профитерство. Државата им даде одврзани раце да ги дерат граѓаните. Крикот на обичните смртници никој не го слушна. Нормално, бизнисот и профитот во нашава држава секогаш се ставаат пред јавниот интерес. И од тоа си патиме.