Поддршката од ЕУ не е безусловна: Колку реформи во државата, толку пари од Унијата

Самит на Берлински процес во Тирана/Фото: Влада на РСМ

Земјите кои ќе ги почитуваат реформите за возврат ќе добијат инвестиции, а претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен кажа дека лидерите на ЕУ веќе предложиле инвестициски пакет од 6 милијарди евра, грантови во вкупна вредност од 2 милијарди евра и заеми од 4 милијарди евра.

Берлинскиот процес е најдобриот инструмент за искористување на целиот потенцијал на регионалната соработка, како и за забрзување на евроинтеграцијата на сите земји од Западен Балкан. Со оваа порака и со понудата од Европската Унија за нов план за раст на шесте замји од Западен Балкан кој што отвора делови од единствениот европски пазар, лидерите на Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина си заминаа од Самитот во рамките на Берлинскиот процес што се одржа во Тирана.

Понудата од Унијата, сепак, не е безусловна. Како што кажа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, влезот во делови од европскиот пазар ќе се реализира случај по случај, но само врз база на испорачани реформи. Само по исполнувањето на тој услов државите од Западен Балкан ќе можат да му се приклучат на единствениот пазар во области како што се стоки и услуги, транспорт, енергија, струја, царинска соработка, е-трговија и безготовински плаќања. Земјите кои ќе ги почитуваат реформите за возврат ќе добијат инвестиции, а Фон дер Лајен кажа дека лидерите на ЕУ веќе предложиле инвестициски пакет од 6 милијарди евра, грантови во вкупна вредност од 2 милијарди евра и заеми од 4 милијарди евра.

– Фондовите ќе бидат на располагање по испораката на реформи. Значи, тие се условени – потсети Фон дер Лајен.

Што добија земјите од Западен Балкан во Тирана, освен потсетувањето од ЕУ дека пред приклучувањето треба да ги реформираат своите економии и политички институции, вклучувајќи ја и регулаторната структура за биснисот, како и борбата против корупцијата и раскрстување со организираниот криминал.

Лидерите потпишаа договор со кој професионалните квалификации на медицинските сестри, ветеринарните хирурзи, акушерките и фармацевтите ќе бидат признаени во сите земји на Западен Балкан во контекст на Договорот за слободна трговија, а начинот и условите кои се применуваат за признавање на квалификациите ќе бидат во согласност со Директивата на ЕУ.

Премиерот Димитар Ковачевски од Тирана се огласи со квалификација дека денот бил продуктивен, така како што и очекувал. На сесиите, како што кажа, разговарале „пред сѐ за интеграцијата на регионот во единствениот пазар на ЕУ како една од клучните придобивки која ќе обезбеди брз економски раст и развој, подобри можности за граѓаните и деловната заедница, подобар животен стандард, нови инвестиции, подобри плати и се разбира подобра инфраструктура“.

Но, како значајно го наведе охрабрувањето и поддршката за интегративниот процес во ЕУ што го добил од германскиот канцелар Олаф Шолц за реализација на следниот чекор по зацртаниот пат кон пристапување во ЕУ, а тоа е „носењето на значајните одлуки коишто ги имаме пред нас“.

И ако Ковачевски се пофали со „продуктивен ден“, црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ се пофали со зборовите „Црна Гора е победник на денот“.

– Црна Гора е победник на денот во Тирана, особено по потпишувањето на Договорот за основање на Центар за сајбер капацитети на Западен Балкан, со седиште во Подгорица. Црна Гора е единствена која доби нешто конкретно, останатато се некои политички навестувања – изјави Абазовиќ.

Со овој договор се создаваат предуслови за јакнење на сајбер безбедноста во земјите на Западен Балкан, за унапредување на соработката против тие закани и за воспоставување силен регионален јазол кој ќе поттикнува напредни програми и обуки не само на меѓуинституционален, туку и во академски домен.

Причина за фалење имаше и домаќинот, албанскиот премиер Еди Рама бидејќи во Тирана во рамките на Самитот на Берлинскиот процес беше отворен третиот кампус на Колеџот на Европа по оние во Бриж, Белгија и во Натолин, Полска. Според високите претставници на ЕУ, идејата за отворање на кампусот била на Рама од ланскиот самит ЕУ- Западен Балкан што се одржа во Тирана, а проектот се реализирал многу побрзо од очекувањата.

Премиерот Ковачевски дообјасни дека овој кампус ќе биде наменет за сите земји од Западен Балкан, а стипендиите кои ќе бидат обезбедувани од страна на ЕУ ќе важат и за македонските студенти.

Инаку, од Самитот во Тирана очекувано беше упатен повик Србија и Косово да се вратат на преговарачка маса со акцент на „итната потреба од соработка и надминување на антагонизмот“. Истовремено претставниците на ЕУ побараа од балканските земји да ги надминат регионалните конфликти и „да стојат заедно додека Русија води војна во Украина“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот