Почна изградбата на топловодната мрежа низ Битола

Фото: Слободен печат

По минатонеделното означување на крајот на градежните работи на изградбата на топловодот од РЕК „Битола“ до влезот на градот, во населбата Кланица, непосредно до улицата „Македонски гемиџии“, почнаа подготвителните работи за изградба на кракот од топловодната мрежа кој се протега кон улицата „Партизанска“.

Со тоа практично почна изградбата на топловодната мрежа низ градот, што беше сон на многу генерации битолчани.

На оваа локација, каде поминуваат цевките од топловодот во соработка со ЈП „Комуналец“ отстранети се дрвја и нискостеблести грмушки. Но, по завршувањето на градежните работи, ЕСМ Топлификација вети дека ќе засади по три нови дрвја за секое едно отстрането.

Приказната за топлификација на Битола станува реалност

По 40 години постоење на РЕК „Битола“ топловодот од РЕК влегува во Битола. Битола добива топлификациски систем кој е проектиран да работи и независно и да обезбедува топлинска енергија од 100 мегавати.

Со завршувањето на изградбата на трасата на топловодот од РЕК „Битола“ до тука, започнуваат нашите предизвици низ битолските улици. Откако ќе се пробиеме под железничката пруга и ќе излеземе на обиколницата, ќе се работи паралелно на двата краци на топловодот – кон улицата „Партизанска“ и кон кружниот тек на Дулие, па нагоре кон Црн мост. Во следните 18 месеци, низ Битола ќе бидат изградени 10,5 километри топловод, вели директорот на ЕСМ Топлификација Битола, Горан Козаров.

Инаку, со проектот е предвидено први на топловодната мрежа да се приклучат полицијата, општината, болницата, спортската сала и други објекти кои се или големи потрошувачи на електрична енергија за греење или за затоплување кои користат мазут во топланите и ја загадуваат животната средина.

Топлификацијата на Битола од комбинатот РЕК „Битола“ беше желба на битолчани повеќе од 40 години, откако практично почна изградбата на Комбинатот, но, досега од нејзината реализација и покрај неколкуте обиди не се случи.

Така, првото претпријатие што се грижеше за затоплување на битолчани, „Топлификација Битола“ ДОО Скопје, по неколку години работење, замина во стечај. Оттогаш битолчани практично се збогуваа со централното греење и неколку илјади домаќинства, особено во Нова Битола, мораа да се преориентираат на загревање со струја или дрва.

За да се реализира идејата за централно затоплување на Битола, пред повеќе од една деценија Општината Битола, во соработка со соседната Општина Новаци и Аминдео од Грција, почна со реализација на прекуграничниот проект за топлификација „Телетерм“. Со овој проект се планираше топлинската енергија што излегува од РЕК-Битола, преку општината Новаци, да стигне до Општината Битола, а со еден крак да се поврзе и со Општината Могила. Но, и овој европски проект, во кој требаше, покрај искуствата од Грција, да се користат и средства од ЕУ за прекугранична соработка, заврши без успех.

Околу 160 илјади евра, од кои 100.000 беа наменети за Битола, а преостанатите 60.000 евра за Новаци и 100.000 евра за општинското јавно претпријатие „Детепа“ од градот Аминдео, соседна Грција, главно беа потрошени за промоции, научни конференции, трибини, посети, пропагандни материјали. За причините зошто не се реализира проектот „Телетерм“ битолската јавност никогаш не беше информирана.

Откако Битола не успеа да го реализира проектот со соседна Грција за топлификација на градот, претходната локална власт пред Локалните избори почна со сопствени средства да гради топлификација на десната страна од реката Драгор. За време на изборната кампања за Локалните избори беа поставени цевки од фирмата што замина во стечај „Топлификација“ до ЈП „Стрежево“. Овој крак за топлификација требаше да поврзе десетина јавни претпријатија и институции, како и општинската зграда.

Но, и овој проект заврши како и претходните, без успех.

Сега сите погледи се свртени кон реализацијата на проектот за топлификација на Битола што го реализира АД ЕСМ заедно со РЕК „Битола“.

Овој проект се реализира со средства од кредитната линија на КфБ банка, во износ од 40 милиони евра, и сопствени средства на АД ЕСМ, во висина од над 7 милиони евра.

Во првата фаза треба да бидат приклучени 37 објекти од градот. Тоа се државни институции, судови, полиција, училишта, градинки, болницата, но и одредени објекти што прават трансмисија на огромни количества гасови и загревањето на тие институции чини многу пари.

Досегашните резултатите од изградбата на овој проект покажуваат дека топлификацијата на Битола станува реалност.

Тоа во голема мера ќе придонесе за подобрување на еколошката слика на градот под Пелистер и битолчани ќе дишат почист воздух.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот