Почина новинарот Марјан Јанев

Марјан Јанев, новинар/ Приватна Архива

Покрај неговиот професионален ангажман како новинар, посебно значаен беше посветеноста на Јанев во Сојузот на слепите на Македонија за подобрување на општетсвената положба на лицата со оштетен вид.

Во Струмица, вчера, во 60-та година од животот, ненадејно почина новинарот Марјан Јанев. Роден е во Струмица на 20 февруари 1962 година. Своето основно и средно образование го добива во Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје и во гимназијата „Јане Сандански“ во Струмица. Со висок успех и на восхит на своите колеги, но и на професорскиот кадар, Јанев ги заврши Интердисциплинарните студии по новинарство на Правниот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј.“

Својот професионален ангажман Марјан Јанев го остварува во Македонското радио, во најголем дел во Трета програма, до заминувањето во предвремената пензија. Зад него стојат бројни прилози посветени на актуелни општествени теми, во кои до израз доаѓа неговата новинарска оригиналност во однос на третманот на темите и стилот на пишувањето.

Аргументираноста, објективноста и непристрасноста беа главните карактеристики на неговиот новинарски ангажман. Како вљубеник во пишаниот збор, тој зад себе остави и една книга со поезија.

Марјан Јанев посебно се ангажираше и во Сојузот на слепите на Македонија за подобрување на општетсвената положба на лицата со оштетен вид. Тој беше пионер во употребата на компјутерска технологија за користењето на Брајовото писмо. Како резултат на неговиот ангажман во 2007 година, дојде до изработка на посебни компјутерски програм, од страна на „Семос“ и тогашниот весник „Дневник“, со кои на лицата со оштетен вид им беше овозможено да користат компјутери.

Погребот на Марјан Јанев ќе се изврши денеска во 13 часот на Градските гробишта во Струмица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот